Мицкоски е на Самитот во Тиват — во фокусот се проширувањето на ЕУ и пристапувањето на Западен Балкан
Лидерите на земјите од Западен Балкан заедно со високи преставници на Европската Унија, денеска се собираат во Тиват, Црна Гора, каде ќе се одржи Самитот ЕУ-Западен Балкан. Од Македонија учествува премиерот Христијан Мицкоски.
Препорачано
Главен фокус ќе биде проширувањето на Унијата.
Самитот се одржува под слоганот „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, а присутни ќе бидат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Со Самитот ќе претседава Антонио Кошта, претседателот на Европскиот совет, кој во изминатите денови ја посети Македонија, заедно со уште неколку држави од регионот.
Во очи на Самитот, Франција и Германија презентираа „нон-пејпер“ преку кој повикуваат на нов процес на „структурирана постепена интеграција“ за земјите кандидати за членство во ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Иницијативата има за цел да им овозможи на кандидатите порано да добијат придобивки од поблиска интеграција во блокот, истовремено задржувајќи го постојниот пристап базиран на заслуги за пристапување.
Двете земји потпишаа заеднички документ во кој повикуваат на „нов импулс“ во процесот на проширување пред самитот ЕУ–Западен Балкан.
„Проширувањето останува една од најатрактивните понуди и највлијателните политички инструменти што ги има Унијата. Но, политиката на проширување има потреба од нова динамика“, стои во документот.
Париз и Берлин тврдат дека претстојните самити во Тиват, како и самитот ЕУ–Молдавија на 22 јуни, се можност за оживување на процесот.
„За таа цел, ние целиме кон нов, процесно ориентиран пристап кој ги намалува претерано формализираните пречки за меѓуфази и ја поедноставува сегашната методологија (т.е. со спојување на некои процедурни чекори)“, пишува во документот.
Франција и Германија туркаат иницијатива за „постепена интеграција“ на Западен Балкан во ЕУ


