Само две фирми во трка за тендерот од 6,4 милиони евра: Увозник на возила и механичарски дуќан се пријавија за 100 амбулантни возила
Само две компании поднеле понуди на тендерот на Министерството за здравство за набавка на 100 амбулантни возила, пишува „360 степени“. Станува збор за јавна набавка со проценета вредност од над 6,3 милиони евра, која уште од самиот почеток предизвика реакции во јавноста и сомнежи дека условите се поставени така што ја ограничуваат конкуренцијата.
Препорачано
Според информациите објавени од „360 степени“, на отворањето на понудите во Министерството за здравство се појавиле само две фирми – „Аутомотив груп“, познат увозник на возилата „рено“, „нисан“ и „дачија“, и Занаетчија електромеханичарски дуќан „А.Ц.Е. Цветко Гоговски“ од Скопје.
Вредноста на тендерот изнесува 390,8 милиони денари без ДДВ, односно околу 6,36 милиони евра. Највисоката и практично речиси идентична понуда со проценетата вредност ја доставила „Аутомотив груп“, која понудила 390,5 милиони денари или околу 6,35 милиони евра. Тоа значи дека по едно возило би чинело приближно 63.500 евра.
Внимание предизвикала понудата на вториот учесник, електромеханичарскиот дуќан „А.Ц.Е. Цветко Гоговски“, која изнесувала 4,45 милиони денари или околу 72.000 евра. Според „360 степени“, во моментот на отворањето не било јасно дали станува збор за административна грешка, бидејќи понудената сума повеќе одговара на цена за едно амбулантно возило отколку за набавка на 100 возила.
„Аутомотив груп“ е долгогодишен застапник и увозник на возила од францускиот производител „Рено“, а според јавно достапните податоци компанијата е во сопственост на семејството Каленикови.
Од друга страна, за фирмата „А.Ц.Е. Цветко Гоговски“ нема јавни податоци дека се занимава со увоз на возила. Компанијата е позната преку брендовите „Аутотрансформа“ и „Аутоклима“ и се занимава со монтажа на климатизација и пренамена на комерцијални и специјални возила, вклучително и амбулантни возила.
Контроверзиите околу тендерот почнаа уште при неговото објавување. Дел од компаниите од секторот јавно реагираа дека техничките услови се премногу рестриктивни и фаворизираат ограничен број понудувачи.
Најмногу критики предизвика условот амбулантните возила да бидат опремени со дизел мотор со зафатнина до 2.000 кубни сантиметри. Според критичарите, со ова автоматски се исклучуваат повеќе производители и модели кои можат да бидат адаптирани во амбулантни возила, но располагаат со поголеми мотори.
Министерството за здравство претходно објасни дека ограничувањето е воведено поради еколошки и економски причини, односно затоа што поновите дизел мотори со помала зафатнина имаат пониска потрошувачка и помали емисии на штетни гасови.
Тендерот за набавка на 100 амбулантни возила е една од најголемите набавки во здравствениот сектор во последните години, а исходот од постапката и евентуалните жалби ќе покажат дали проектот ќе продолжи според планираната динамика или ќе се соочи со дополнителни правни и административни пречки.


