Кошта не остави простор за маневар
Не се бара ништо повеќе од она што веќе беше договорено, туку само исполнување на преземените обврски. Како што кажав и пред една година: она што е договорено, е договорено. И треба да се испорача она што е договорено и ништо повеќе од она што е договорено – порача Антонио Кошта во Скопје.
Посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта беше стратешки важна за нас како држава токму поради тоа што конечно ги разби илузиите за тоа дали постои некаква скриена споредна врата за почеток на преговорите со ЕУ, без притоа да постои потреба да се спроведат уставните измени и без да се внесат Бугарите во Преамбулата.
Препорачано
Вака политичкиот аналитичар Петар Арсовски во изјава за „Слободен печат“ ги коментира пораките испратени од заедничката прес-конференција што ја одржаа Кошта и премиерот Христијан Мицкоски во Скопје, а преку која беше испратен и јасен сигнал дека Брисел не размислува за нова преговарачка рамка, за дополнителен политички механизам и за алтернативен пат околу договореното во 2022 година.
Клучната порака беше сведена на една реченица: она што е договорено, треба да се испорача.
Договор си е договор
Пораката што ја испрати претседателот на Европскиот совет беше релативно јасна и гласна, забележува Арсовски.
– Кошта повторно ни порача дека не е важно по кој пат Македонија ќе пристапува, но уставните измени остануваат прв и неопходен чекор. Доколку во неговото обраќање имаше момент во кој се спомнуваат гаранции или некакви други креативни решенија, можеби ќе можевме да се надеваме дека имало некакви разговори зад затворени врати. А вака, неговата порака нѐ враќа на стариот основен пат, а тоа е дека уставните измени мора да се направат како политичка цена, а потоа да се разговара за други механизми – објаснува Арсовски.
И самиот Кошта нагласи дека Македонија има одобрена рамка и дека следниот чекор останува усвојувањето на договорените уставни измени.
Според него, тоа е условот за формално отворање на пристапните преговори со Европската Унија.
– Не се бара ништо повеќе од она што веќе беше договорено, туку само исполнување на преземените обврски. Како што кажав и пред една година: она што е договорено, е договорено. И треба да се испорача она што е договорено и ништо повеќе од она што е договорено – порача Кошта.
Со ова, Европскиот совет практично ја потврди досегашната линија на Брисел: уставните измени, со внесување на Бугарите во Уставот, остануваат неопходен политички и институционален чекор за да продолжи земјата кон следната фаза од евроинтеграциите.
Без гаранции од Брисел
Посетата на Кошта дојде во период кога македонската Влада инсистира дека процесот не може да продолжи само со еднострана обврска од Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати досега порачуваше дека уставните измени не можат да се случат без гаранции дека по нив нема да следуваат нови билатерални условувања.
Но, одговорот на Кошта не отвори простор за нов пакет гаранции. Тој одби да зборува за нови механизми и остана на ставот дека договорот од 2022 година е политичката основа врз која треба да се движи процесот.
– Она што е договорено во 2022 година треба да се испорача. Ништо повеќе. Сето тоа е нормален процес на проширување. Тоа е процес на заслуги, и тоа истото го прават и другите земји кандидати – рече Кошта.
Со тоа, Брисел ја задржа позицијата дека не се отвора нова расправа за рамката. За Европската Унија, прашањето веќе има дефиниран институционален пат: прво уставни измени, потоа формално отворање на пристапните преговори.
Владата не попушта
Премиерот Мицкоски, пак, остана на позицијата дека Македонија не може повторно да влезе во процес на уставни измени без јасна порака дека европскиот пат нема повторно да биде блокиран со нови барања.
Тој посочи дека земјата веќе направила многу во име на европските интеграции и дека не може секоја нова фаза да биде поврзана со ново политичко отстапување.
Според владината позиција, проблемот не е во тоа дали Македонија сака да преговара со Европската Унија, туку во тоа каква ќе биде сигурноста дека процесот конечно ќе се движи според европски, а не билатерални критериуми.
Мицкоски порача дека нема да има отворање на Уставот додека не се види конкретна испорака од бугарска страна.
Тој ја повтори тезата дека Скопје сака дијалог, но дека тој дијалог мора да биде суштински и да донесе предвидливост.
– Ако улицата е еднонасочна, доверба не може да има. За да изградиме доверба, треба да видиме и конкретни чекори од другата страна. Нашиот став е јасен, кажете ни еден ден однапред каде треба да дојдеме и со кого треба да разговараме, и ние ќе бидеме таму. Проблемот е што не знаеме со кого да разговараме. Од една страна, официјална Софија вели дека ова е прашање меѓу Македонија и Европската Унија, па одиме во Брисел. Од друга страна, потоа се поставува прашањето зошто разговараме без Бугарија. Кога велиме да разговараме директно со Софија, повторно го слушаме истиот одговор. Ние сме сериозни луѓе и сакаме да разговараме. Потребен ни е само јасен сигнал. Не влегуваме во авантура без извесен крај – посочи Мицкоски.
Излитена мантра
Членот на СДСМ и меѓународен секретар на партијата Андреј Жерновски оценува дека пораката што ја испрати Кошта е прилично едноставна: тоа што е договорено треба да се исполни.
„Не затоа што некој во Брисел сака да ја понижи Македонија. Не затоа што некој сака да ни го одземе идентитетот, како што наменски манипулативно зборува Мицкоски. Туку затоа што така функционира секоја сериозна држава и секоја сериозна меѓународна заедница: договорите се почитуваат, обврските се исполнуваат, а реформите се спроведуваат. Токму тука се судираат реалноста со токсичната пропаганда на Владата на Христијан Мицкоски. Две години ја слушаме истата, веќе излитена мантра дека проблемот не бил во реформите, не бил во Владата, не бил во застојот на европскиот пат, туку исклучиво кај другите. Во Брисел. Во Европската Унија. Во СДСМ. Во сите, освен кај оние кои, нели, денес ја водат државата. Но фактите зборуваат поинаку. И самиот Кошта, во своите изјави, покрај поддршката за европската перспектива на Македонија, повторно ја нагласи потребата од исполнување на договорените обврски, продолжување на реформите и усвојување на уставните измени како следен чекор кон отворањето на преговорите“, напиша Жерновски на Фејсбук.
ЛДП бара брзо усвојување на уставните измени
Посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта е уште една потврда дека Европската Унија ја гледа Македонија како дел од европското семејство, но и потсетник дека напредокот зависи од исполнувањето на обврските што државата веќе ги има преземено, реагираше ЛДП преку соопштение.
„Предлогот за уставни измени со одложено дејство не значи отстапување од државните интереси, туку претставува модел што обезбедува продолжение на европските интеграции и дополнителна сигурност за граѓаните. Во европските документи од преговарачката рамка не постои обврска уставните измени веднаш да стапат во сила, што остава простор за разумно и државничко решение, околу кое може да се изгради поширок национален консензус“, велат од ЛДП.
Вреди: Македонија е високо на европската агенда
Политичката партија Вреди ја поздрави посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оценувајќи ја како значајна потврда на европската перспектива на Македонија.
„Интеграцијата во Европската Унија е наша стратешка определба и стремеж на цели генерации. Посетата на претседателот Кошта претставува поттик за да продолжиме со уште поголема посветеност со реформите и со процесите што ја приближуваат земјата до европското семејство“, се наведува во соопштението.
Кошта отворено порача: Клучот за ЕУ е да го исполните договореното во 2022 година


