Христијан Мицкоски и Емануел Макрон, фото: Фејсбук

Мицкоски се сретна со Макрон и со Мерц, разговарале за регионот и за европските перспективи

Премиерот Христијан Мицкоски, кој учествува на Самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват, денеска имаше средби со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Мерц.

„Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи, теми на кои долго време работиме. Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред“, објави Мицкоски на Фејсбук по средбата со Макрон.

Со германскиот канцелар Мерц, пак, како што наведува, размениле мислења за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и важноста од продлабочување на соработката и европската интеграција.

„Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион“, соопшти Мицкоски.

Тој посочи дека подетално ќе разговарале за време на работниот дел на самитот. Така што, рече премиерот, „треба да бидеме трпеливи, сепак, ова се моменти кога практично ЕУ, односно Европскиот совет јасно кажува дека процесот на проширување останува жив“.

Она што е задача на македоонската Влата, како што наведе, е „да го зачува тој процес, да напредуваме, но истовремено да не го загубиме достоинството како што тоа беше пример во изминатите децении кога станува збор за нашите македонски аспирации за членство во ЕУ“.

„Наша цел е да станеме држава која испорачува најмогу реформи, истовремено да останеме фокусирани на проширувањето и да го сочуваме националното достоинство“, дополни Мицкоски.

На Самитот ЕУ – Западен Балкан што се одржува во Тиват под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, главна тема ќе биде проширувањето на Унијата.

Со собирот претседава претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, кој претходно ги посети земјите од регионот, додека домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На Самитот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Метсола.

Франција и Германија, на Самитот презентираат „нон пејпер“ во кој се предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство Европската комисија е повикана да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на нивниот напредок во пристапните преговори и поцврсти врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување – се наведува во француско-германскиот нон пејпер.

Во документот, со наслов „Нов поттик за проширувањето во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан (5 јуни 2026) и самитот ЕУ – Молдавија (22 јуни 2026)“, се оценува дека „проширувањето останува една од најпривлечните понуди и највлијателни политички алатки што ги поседува Унијата“.

„Но на политиката на проширување ѝ е потребен нов поттик. Претстојните самити со Западен Балкан и Молдавија претставуваат можност што не смееме да ја пропуштиме. Нашата заедничка цел е да ја заокружиме Унијата како вистинска Европска Унија“, се наведува во текстот.

Според документот, потребно е воведување дополнителни стимулации во процесот заснован на заслуги и постепено поедноставување на сегашната методологија со цел да се овозможи побрза и подлабока интеграција врз основа на Копенхашките критериуми.

Франција и Германија туркаат иницијатива за „постепена интеграција“ на Западен Балкан во ЕУ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот