Зонско Аеродром/Фото: Фејсбук

Зонското во Реонски центар го крена на нозе Ново Лисиче: Или ќе се одложи стартот или утре ќе има протести!

Жителите на Ново Лисиче потсетуваат дека во предизборието токму градоначалниците Митески и Ѓорѓиевски ветиле дека воведувањето на зонското ќе оди паралелно на двете локации за да нема прелевање на проблемите од една на друга страна при селективна имплементација на зоните

Доколку денеска до крајот на работниот ден институциите не донесат одлука со која се одложува воведувањето зонско паркирање во Реонски центар додека тоа истовремено не се имплементира и во Ново Лисиче, жителите на Ново Лисиче утре ќе започнат со граѓански протести.

Зонското паркирање во Реонски центар во општина Аеродром треба да стартува од утре. Оваа информација ги крена на нозе жителите на Ново Лисиче, кои стравуваат дека поради наплата на паркирањето во соседната населба ќе се создадат уште поголеми проблеми во нивната, каде што и онака тешко се доаѓа до слободно паркинг-место.

Поради тоа, тие се заканија со блокади и протести доколку Град Скопје и Општина Аеродром не го прифатат нивното барање за одложување на примената на зонското во Реонски Центар, додека не се создадат услови тоа истовремено да се воведе и во Ново Лисиче.

Жителите потсетија и на ветувањата кои им биле давани во изборната кампања, а кои сега не се исполнети.

Во предизборието токму градоначалниците на Општина Аеродром и Град Скопје, Митески и Ѓорѓиевски ветија дека овој процес ќе оди единствено паралелно на двете локации за да нема прелевање на проблемите од една на друга страна при селективна имплементација на зоните, и дека паралелното воведување на зонското паркирање ќе биде од септември 2025 година. Досегашното одлагање и неспроведување на никаква активност на терен во Ново Лисиче не е по вина на граѓаните, туку  нивна, и затоа бараме решение од креаторот на проблемот, велат од групата „Ново Лисиче“ од каде се заканија со протести.

Жителите од оваа населба поддршка за нивниот проблем побараа и од советниците во советите на Град Скопје и на Општина Аеродром.

Тешко до паркинг-место во Ново Лисиче и Реонски центар, од Општината молчат зошто уште нема зонско

Советничката група на СДСМ вчера побара вонредна седница на Советот на Општина Аеродром за Советот итно да усвои заклучок со кој ќе се задолжи градоначалникот Дејан Митески, во координација со Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“, да преземе активности за одложување на воведувањето на зонско паркирање во Реонски Центар.

СДСМ смета дека револтот на жителите на Ново Лисиче е оправдан од причина што тие веќе подолг временски период се жртви на недостиг на паркинг-простор како последица на воведувањето на зонско паркирање зад трговските центри „Капитол“ и „Бисер“.

Селективното воведување на зонско паркирање само во еден дел од општината предизвикува пренасочување на возилата кон нерегулираните зони, што значително ги отежнува условите за паркирање на жителите во Ново Лисиче, кои подолго време бараат решение на овој проблем – се наведува во соопштението од оваа советничка група.

Од Општина Аеродром, пак, велат дека процесот го води ЈП „Градски паркинг“, а дека тие се во постојана координација со Град Скопје и дека нивната улога е да обезбедат поддршка и активно да придонесат кон изнаоѓање решенија што ќе бидат во интерес на граѓаните.

Ѓорѓиевски ги послуша граѓаните, секој жител на Аеродром ќе може бесплатно да паркира во сите зони во општината

Оттаму тврдат дека паралелно процесот ќе започне да се спроведува и во населбата Ново Лисиче. Тие очекуваат со зонското да се воведе ред во паркирањето, да се стави крај на дивото паркирање по јавни и зелени површини, да се овозможи отстранување на хаварисаните возила и намалување на злоупотребите од препродавачи на возила што узурпираат значителен дел од паркинг-просторот.

Во однос на најавите за итна седница на Советот, за жал, советничката група на СДСМ сѐ уште ги нема научено надлежностите на Општина Аеродром од каде што секој месец добиваат месечен надоместок – велат од Аеродром.

Големи реакции стигнаа и по најавата дека од почетокот на април граѓаните од општината што имаат регистрирано возило во една Д-паркинг зона, нема да можат бесплатно да се паркираат во друга, како што тоа беше практика досега. По ваквите реакции, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски реши да ги послуша забелешките, па останува да важи старото правило.

Дадена е насока до директорот на ЈП „Градски паркинг“, во општина Аеродром, во Реонски центар каде што се воведува зоната Д12, останува да важи старото правило: секој резидент – физички и правни лица, ќе може да се паркира на сите зони на територијата на општината без да плаќа надоместок, како што беше најавено претходно. И ова правило останува да важи за цел Аеродром! – информира Ѓорѓиевски.

Градоначалникот соопшти дека во тек е подготовка за воведување нова зона за паркирање и во Ново Лисиче, каде, како што вели, веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, по што ќе следува и поставување информативни табли. Но не спомна одложување на зонското во Реонски центар.

Од 1 април се активира зоната Д12 во Реонски Центар, „Градски паркинг“ воведува нови правила за паркирање

За дел од граѓаните со враќањето по старо се задоволуваат потребите само на дел од жителите што досега беа опфатени со зонско паркирање, додека од оние делови каде што нема зонско, граѓаните и понатаму треба да плаќаат иако живеат во иста општина.

Тие што не беа со адреса на зона, ќе продолжат да плаќаат повторно секаде, со што продолжува дискриминацијата на голем дел жители на Аеродром. Ова е невидена неправда. Да објаснам ако не е јасно: оние што живеат во Аеродром и со години наназад плаќаат паркинг секаде во Аеродром, ќе продолжат да плаќаат секогаш кога одат на пазарење, кога носат деца во школо/градинка, на тренинг итн. – само затоа што со адреса не се на зона? Макар биле и на 20 метри до „зонско“… Паркингот за аеродромци во Аеродром треба да е бесплатен или за сите или за никого, сè поинаку оди во насока на дискриминација – коментира Марјан Л. на објавата на градоначалникот на Фејсбук.

Градоначалникот засега им излезе во пресрет на барањата на жителите што се опфатени со зоните да се задржи старата практика, жителите да се паркираат бесплатно во сите зони во општината. До примената на зонското во Реонски остануваат уште два дена, па дотогаш можеби Ѓорѓиевски ќе ги послуша и барањата на граѓаните од Ново Лисиче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот