ФОТО/ВИДЕО | Ужас во катната гаража „Разловечко востание“, лифтовите не работат, скалите смрдат на урина и фекалии

Нема светло во катна гаража - Разловечко востание / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Додека АДИССД се занимава со тендерски постапки, а во гаражата не се гледа никаков резултат, граѓаните кои се паркираат во „Разловечко востание“ откако ќе ги паркираат автомобилите или за да го земат возилото се симнуваат и качуваат по патеките по кои се движат возилата. На прашањето од „Слободен печат“ дали се загрижени дека поради тоа некој може да настрада и дали чувствуваат одговорност – одговор нема.

Модерната катна гаража „Разловечко востание“ лоцирана во близина на Градска болница, која е речиси секогаш исполнета со паркирани возила до последен кат, одвнатре е „куќа на стравот“, барем што се однесува до скалите кои би требало да служат за симнување и качување на луѓето кои во неа ги оставиле своите возила. Четирите лифтови со години не работат, скалите се во црна темница, а во последно време од катовите нема ни влез во нив затоа што се извадени кваките од влезните врати. Најлошото од сѐ е што и да се овозможи движење по скалите тоа е речиси невозможно од страшната смредеа на урина и фекалии и од ѓубрето од секаков вид фрлено по скалите, па дури и употребени пелени и влошки.

Ѓубре во катна гаража – Разловечко востание / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Притоа, да не се заборави, во оваа гаража паркирањето не е бесплатно, граѓаните уредно плаќаат за услугата, која моментално на месечно ниво е 2500 денари.

Со гаражата стопанисува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, односно поранешен ПУИГ, од каде уште пред една година за „Слободен печат“ изјавија дека во тек е постапка за избор за најповолен понудувач за сервисирање и одржување лифтови и лифтовски постројки, и откако таа ќе заврши ќе се пристапи кон поправање и оспособување на сите 4 лифта. Посочија и дека тие се залагале за одржување на хигиена во гаражите со кои стопанисуваат.

Ѓубре во катна гаража – Разловечко востание / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

По една година оттогаш ништо не е сменето на подобро во катната гаража, а одговорите кои стигнуваат од АДИССД се речиси идентични. Тие и понатаму тврдат дека „одржувањето на хигиената како еден од принципите за соодветно функионирање на катните гаражи е меѓу основните заложби на Друштвото, а ваквата грижа подразбира навремено реагирање на реакциите на корисниците“.

Актуелниот Договор за набавка на услуга за одржување на хигиена за одвоз на смет и снег предвидува редовни акции на чистење во рамки на кои се врши и дезинфекција на сите 18 нивоа (патеките на движење, скалишниот простор, заштитните огради), но согласно потребите, веќе се изготвени нови параметри и насоки за интензивирање на нивната понатамошната динамика. Ова практично значи дека во следниот период, на секои два дена ќе се спроведува чистење и изнесување на кабастиот отпад, што според нашите проекции ќе биде доволен услов за надминување на актуелната ситуација – тврдат од Друштвото.

Скршени рачки / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Оттаму посочуваат дека треба да се има предвид и дека катната гаража „Разловечко востание“ е објект од отворен тип поради што е отежната контрола за несовесното однесување на дел од корисниците, а особено на надворешните лица кои не се корисници на гаражата.

Ставањето во функција на лифтовите во катната гаража „Разловечко востание“ е меѓу приоритетите на АДИССДП. По поништување на претходната тендерска постапка за избор за најповолен понудувач за сервисирање и одржување на лифтови и лифтовски постројки поради неприфатливи понуди, односно превисоки понудени цени, Друштвото распиша нова која е во поодмината фаза, односно во моментов се врши евалуација. Имаме целосно разбирање за проблемите со коишто се соочуваат корисниците на гаражата, поради што максимално го забрзуваме целиот процес, секако во рамки на законските можности, па оттука веднаш по реализација на постапките, во најкус можен рок, ќе пристапиме кон поправка и ставање на лифтовите во употреба – објаснуваат од АДИССДП.

Ѓубре во катна гаража – Разловечко востание / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Во меѓувреме, додека Друштвото се занимава со тендерски постапки, а во гаражата не се гледа никаков резултат, граѓаните кои се паркираат во „Разловечко востание“ откако ќе ги паркираат автомобилите или за да го земат возилото се симнуваат и качуваат по патеките по кои се движат возилата.

На прашањето од „Слободен печат“ дали се загрижени дека поради тоа некој може да настрада и дали чувствуваат одговорност – одговор нема.

Возилата на светло, граѓаните во темница: Лифтови вон функција и скали како од хорор-филм во гаражата „Разловечко востание“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот