Возилата на светло, граѓаните во темница: Лифтови вон функција и скали како од хорор-филм во гаражата „Разловечко востание“

Од АДИССДП тврдат дека еден од основните приоритети им е оспособувањето на лифтовите, а дека во периодов се работи на осветлување на скалишниот простор.

Граѓаните што ќе решат да ги паркираат своите возила во катната гаража „Разловечко востание“, лоцирана зад Градскиот трговски центар, мора да бидат подготвени дека откако ќе го остават својот автомобил, ќе треба да се симнуваат по скали што наликуваат на сцена од хорор филм. Затоа, неизоставно, пред да го побараат излезот, треба в рака да имаат мобилен телефон со пуштено осветлување, да го затнат носот и набрзина да претрчаат по скалите, притоа внимавајќи да не стапнат во локви од урина или во нешто уште полошо.

 

Во оваа гаража, со која стопанисува АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор, поранешно ПУИГ, не работат лифтовите, а на скалите нема никакво осветлување и се претворени во јавни тоалети. Со оглед дека во гаражата, како што е официјално наведено на нивната веб-страница, има 22 полунивоа за паркирање, значи дека оние што се паркирани погоре, имаат прилично голем пат да поминат по темните и смрдливи скали. Другата варијанта за излегување од гаражата е да се оди по лентите по кои се искачуваат возилата, што е крајно небезбедно.

Паркиравме во гаражата за празниците, со намера да го прошетаме детето на плоштад. Но, кога тргнавме по скалите да се симнуваме, страв да го фати човек. Жива темница, смрди ужасно на мочка, со едната рака се обидував да осветлам со мобилниот додека в раце го носев детето, кое беше преплашено. Лифтовите не работеа. Целата атмосфера беше ужасна. На враќање се качувавме по делот каде што возат автомобилите, оти не можев да замислам пак да се качувам по тие темници. Срамота, што да се рече друго – реагира наша сограѓанка.

За ужасната состојба на гаражата, во која останатиот дел, наменет за движење и паркирање на возилата е чист и осветлен, одговор побаравме од АДИССДП, од каде што тврдат дека еден од основните приоритети им е оспособувањето на лифтовите.

Во насока на подобро и поефикасно работење на катната гаража „Разловечко востание“, ставањето во функција на лифтовите е меѓу основните приоритети на Секторот за стопанисување со станбен и деловен простор при АДИССДП. Во тек е постапка за избор за најповолен понудувач за сервисирање и одржување лифтови и лифтовски постројки, и веднаш по нејзиното завршување, односно во најкус можен рок ќе се пристапи кон поправање и оспособување на сите 4 лифта – одговараат од претпријатието.

Оттаму појаснуваат дека во изминатите неколку денови била извршена санација на оштетените сијалични места и замена на дел од нив со нови, па целосно се осветлени сите нивоа на катната гаража, а во периодов се работи на осветлување на скалишниот простор.

Залагањата на нашето Друштво секогаш се во насока на одржување хигиена на гаражите и на другите простори со кои стопанисуваме, а ваквиот пристап подразбира тековно одржување на скалишниот простор, како и генерално чистење на целата гаража двапати месечно кога се врши и дезинфекција. Според редовниот календар на активности, последна акција од овој тип беше одржана на 22 и 23 декември – велат од АДИССДП и додаваат дека тогаш биле исчистени и патеките на движење, скалишниот простор и заштитните огради.

Сепак, како што посочуваат од АДИССДП, треба да се има предвид дека катната гаража „Разловечко востание“ е објект од отворен тип поради што е отежната контролата за влез на надворешни лица, кои не се корисници на гаражата, па поради тоа се размислува за неколку опции што ќе овозможат посоодветна заштита и одржување на нивото на хигиена.

Сепак и покрај тоа што е гаражата од отворен тип, какви што се всушност речиси сите катни гаражи во градов, доколку лифтовите се стават во функција и доколку има светло по скалите, ситуацијата би била поинаква. Затоа што скопјани што ги користат услугите на оваа гаража и за тоа уредно плаќаат од час, би требало да имаат нормални услови и да излезат од неа откако ќе паркираат или кога ќе се вратат по возилото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот