Мета фото: EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO

Австралија сака да оданочува социјални мрежи за да финансира медиуми, „Мета“ вели „законот не е фер“

Австралија планира да воведе нов данок за социјалните мрежи кои користат вести, со цел да финансира медиуми, а компанијата „Мета“ веднаш упати критики, оценувајќи го предлог-законот како „крајно неправеден“, пренесува Ал Џазира.

„Нашиот став е јасен: Овој закон е лошо осмислен, крајно неправеден и нема да успее да обезбеди разновидна и одржлива новинска индустрија“, соопшти „Мета“, матичната компанија на Фејсбук, Инстаграм и Ватсап, чија вредност изнесува 1,6 билиони долари.

Реакцијата следуваше по австралискиот предлог за План за поттикнување на договори за вести (НБИ), според кој Канбера би наметнала давачка за „Мета“, „Гугл“ и „ТикТок“.

„Приходите собрани преку оваа мерка би се распределувале на локалните медиуми врз основа на бројот на новинари што ги вработуваат“, јави австралиската јавна радиодифузна служба.

Според предлогот на лабуристичката Влада, од „Мета“ ќе се бара да склучи договори со локалните медиумски организации или ќе се соочи со даноци до 2,25 отсто од приходите остварени во Австралија, земјата која е прва во светот што го забрани пристапот до социјалните мрежи за деца на возраст под 16 години.

Еден месец без социјални мрежи: Како забраната ги менува тинејџерите во Австралија

Од технолошкиот гигант тврдат дека ваквиот закон ќе го направи австралиското новинарство зависно од државни субвенции, а притоа воопшто нема да им помогне на помалите медиуми и на независните новинари.

Претходно во 2024 година, „Мета“ се повлече од договорот постигнат во 2021 година и ги укина услугите на „Фејсбук њуз“ во Австралија.

„Предложениот план ги прекршува обврските што Австралија и Соединетите Американски Држави ги презедоа во нивниот билатерален Договор за слободна трговија“, тврдат од компанијата.

Од „Мета“ сметаат дека станува збор за „дискриминаторски данок со ретроактивно дејство“, насочен само против неколку странски компании, додека „конкурентите кои нудат слични услуги немаат таква обврска“.

Притоа, тие укажуваат дека од оваа мерка, според наводите, се исклучени гиганти како „Мајкрософт“, „Снепчет“ и „ОпенАИ“.

Австралија: Планот ќе ја осигура иднината на австралиските вести

Австралиската министерка за комуникации, Аника Велс, сепак го одбрани нацрт-законот, велејќи дека тој е „целосно фер“.

„Веруваме дека е сосема фер големите дигитални платформи да придонесат за напорната новинарска работа што ги збогатува нивните содржини и ги носи нивните приходи“, рече таа.

Австралиските медиумски организации го поздравија планот како „клучен чекор“ кон, како што велат, осигурување на иднината на австралиските вести.

„Доколку дигиталните платформи не плаќаат за користењето на вестите од кои самите профитираат, иднината на новинарството се доведува во прашање“, се предупредува во заедничкото соопштение на големата коалиција на медиумски организации, меѓу кои е и „Еј-би-си“.

Како и на други места во светот, медиумскиот сектор во Австралија е тешко погоден од падот на приходите од рекламирање, кои во времето на процутот на печатените изданија претставуваа главен извор на финансиска поддршка за индустријата.

Според Сојузот за медиуми, забава и уметност (Media Entertainment and Arts Alliance), главниот синдикат на медиумските работници во Австралија, од 2008 година досега се изгубени повеќе од 19.500 работни места во новинарството.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот