Фото: илустрација

Со новиот закон за минерални суровини, компанијата добива дозвола да копа уште пред да ја откупи земјата, реагираат еколошки организации

Еколошките организации остро реагираат на усвојувањето на измените на Законот за минерални суровини, со кои како што велат, се отвора простор концесионер да добие дозвола за експлоатација и пред да заврши постапката за експропријација, што според нив создава правна несигурност и ризик од судири околу приватниот имот.

Велат дека е скандалозно вакви закони да се туркаат по скратена постапка и дека ова прашање директно ги допира природните ресурси, здравјето на луѓето и иднината на заедниците каде што би се воделе геолошки истражувања и експлоатација.

Според нив ништо не помогнало и покрај тоа што 49 еколошки организации го кренале алармот, ниту поднесените 1000 амандмани од Левица, како и барањето на СДСМ и ДОМ за повлекување. Сепак, Собранието ги усвоило измените на законот по скратена постапка.

„Со новиот закон: Компанијата добива дозвола за ископ пред да ти ја откупи земјата. Ти сè уште си сопственик – тие веќе копаат. Владата сама одлучува кој минерал е „стратешки” – без суд, без граѓани, без жалба. Утре можат да го прогласат твојот двор или ридот зад твојата куќа за државен приоритет. Приватна компанија сама иницира рударски проект – не државата, не јавниот интерес. Бизнисот само кажува каде сака да копа, Владата потпишува. Законот ги заобиколува Законот за води, Законот за животна средина и Законот за заштита на природата. Ова е директно спротивно на Уставот. Лажат дека се исполнети „ЕУ стандардите” и дека мора да се усогласиме – Македонија НЕ Е членка на ЕУ и нема никаква обврска да ја примени оваа регулатива“ велат од „Зелена народна стража“.

Од Организацијата потсетуваат на 30-годишното труење во Велес, на арсенот во Лојане, на рудникот во Саса, каде два пати беше загадена река по истекување на рудник, како и на уште многу други катастрофи.Исто така предупредуваат дека овој закон ги загрозува сите – и тие што се борат и тие што не се борат.

„Нашата порака до најголемото зло што ѝ се случува на Македонија: Немој да мислите дека сите луѓе спијат. Кога децата и внуците ќе прашаат кој ја уништи Македонија – вашите имиња ќе бидат запишани, засекогаш! Сега ние сме на ред. Доста беше“ порачаа од Зелена народна стража

Повеќе еколошки организации изминатиот период предупредуваа дека ваков закон не се носи без јавна дебата и без мислење од стручната и граѓанската јавност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот