Денеска се празнува Светата великомаченичка Недела
Во времето на христоборните цареви Диоклецијан и Максимијан, во Анадолија живееја две побожни стари души, Доротеј и Евсевија. Со непрестајна молитва испросија од Бога едно чедо, оваа света Недела. Таа од детството се посвети себеси на Бога. Кога порасна, прекрасна во телото и во душата, навалија многубројни просци, но таа сите ги одбиваше, велејќи дека е свршеница на Господ Христос. Еден од одбиените ги обвини Недела и нејзините родители како христијани пред царот Диоклецијан. Царот нареди и нејзините родители прво ги мачеа, а потоа ги протераа во градот Мелитина. Света Недела, пак, Диоклецијан му ја испрати на Максимијан да ја суди. Бидејќи ја потврди својата вера во Христа пред Максимијан, тој нареди и ја тепаа со воловски жили. Потоа царот им ја предаде на војводите, прво на Иларион, а откако тој умре на Аполониј. Овие ја мачеа ѕверски на сите можни начини, но сè им беше залудно. Додека света Недела лежеше во рани во затворот, ѝ се јави Господ Христос и ја исцели и ѝ рече: „Недело, не плаши се од маките, Мојата благодат е со тебе“. Христовата благодат навистина ја спаси оваа маченичка и од оган и од ѕверови, со што нејзините судии мислеа со сигурност да ја умртват. Многумина незнабошци, гледајќи го нејзиното чудесно спасение од толку многу смрт, поверуваа во Христа. Но сите беа заклани. Аполониј нареди да ја убијат со меч. Недела клекна на колена, ги крена рацете кон небото и Му се помоли на Бога да ја помилува и да ги спаси сите што ќе го слават нејзиниот спомен, а нејзината душа да ја упокои заедно со душите на нејзините родители. Кога ја заврши молитвата, Му ја предаде душата на Бога, пред да се спушти мечот врз нејзината Света глава. Чесно пострада и се пресели во Небесното Царство во 289 година, во Никомидија.


