Суспендирана е директорката на гостиварски „Комуналец“, градоначалникот Лимани вели дека не чувствува одговорност
Општина Гостивар од денеска воведува дополнителни мерки за справување со состојбата предизвикана од загадената вода за пиење. Активиран е Кризниот штаб, а ќе биде отворена и телефонска линија преку која граѓаните ќе можат да побараат помош и достава на вода за пиење.
Препорачано
Ова на денешната прес-конференција го кажа градоначалникот Ваљбон Лимани, кој најави дека Кризниот штаб наскоро ќе одржи седница и ќе носи препораки и мерки за поддршка на населението.
„На мој предлог веќе е активиран Кризниот штаб и во најкус рок ќе заседава. Ќе им помага на сите граѓани на кои им е потребна поддршка. Наскоро треба да се состане и кризниот штаб, на кој треба да се носат одлуки за надминување на проблемите со зголемениот број на заболени“, рече Лимани.
Општината ќе објави и официјален телефонски број преку кој граѓаните што не се во можност сами да обезбедат вода ќе можат да побараат достава до своите домови.
На прашање дали чувствува морална одговорност за настанатата состојба, Лимани одговори дека не чувствува, но потврди дека директорката на ЈП „Комуналец“ и дел од раководството задолжено за водоводниот систем се суспендирани до завршување на постапката.
„Не чувствувам морална одговорност бидејќи јавното претпријатие е посебно правно лице кое управува со системот. Доколку беше поинаку, првата оставка ќе беше мојата“, изјави Лимани.
Лимани ги повика институциите да ја завршат нивната работа објективно, и дека ќе соработуваат со нив до расчистување на случајот, и надминување на состојбата. Тој искажа благодарност до сите компании поединци кои деновиве се ангажираа за да се надмине недостигот на вода за пиење.
Лимани нагласи дека проблемите со водоснабдувањето во Гостивар траат со години, главно поради недостиг на вода, и посочи дека изградбата на нов водоводен систем е еден од приоритетите на локалната власт.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски рече дека морална одговорност треба да понесат сите надлежни во локалната самоуправа.
„Од градоначалникот па надолу, сите треба да понесат одредена морална одговорност“, рече Мицкоски, додавајќи дека за друга одговорност ќе одлучува Обвинителството.
Премиерот ја критикуваше локалната власт за летаргичност, поради што Владата морала да реагира со цел граѓаните да не останат без поддршка во услови на криза.
На прашањето дали ќе има ревизија на изградбата на водоводниот систем, Мицкоски рече дека сите аспекти ќе бидат анализирани во рамките на постапките што ги водат надлежните институции.
„Согласно Законот за градење постојат механизми за надзор. Сите факти ќе бидат анализирани и ќе бидат донесени соодветни заклучоци“, изјави тој.
Владата вчера донесе одлука да обезбеди по 50.000 литри бесплатна вода дневно за пиење за граѓаните на Гостивар, а испораките ќе продолжат и во наредните денови.


