Во ризик се исплатите и социјалните услуги за луѓето со попреченост, реагира „Менуваме“
Илјадници деца со попреченост, луѓе со попреченост и нивните семејства зависат од социјална заштита секој ден. Оттука, дали тековниот буџет ќе биде доволен за да ги обезбеди нивните законски загарантирани права до крајот на 2026 година?, прашуваат од Коалицијата за застапување на правата на луѓето со хендикеп „Менуваме“.
Препорачано
Од „Менуваме“ посочуваат дека го анализирале ревидираниот буџет на Министерството за социјална политика, демографија и млади, а нивните наоди, како што велат, покренуваат сериозна загриженост за тоа дали расположливите средства ќе бидат доволни за исполнување на постојните законски обврски.
„Иако ребалансот на буџетот додава 1,5 милијарди денари за социјална детска и цивилна заштита, нашата анализа покажува дека ќе бидат потребни дополнителни 3 милијарди денари за целосно финансирање на законски утврдените права и основните услуги во заедницата до крајот на 2026 година“, нагласуваат оттаму.
Во однос на детската социјална и цивилна заштита, сметаат дека тековниот буџет не обезбедува доволно средства за поддршка на законски усвоените зголемувања на бенефициите поврзани со инвалидитетот, освен ако не се обезбедат дополнителни ресурси.
Ги споменуваат и делот за компаниите кои вработуваат лица со попреченост, каде, посочуваат од „Менуваме“, и покрај дополнителната алокација од 300 милиони денари, нивната анализа проценува дека ќе бидат потребни околу 500 милиони денари повеќе за да се исполнат планираните обврски.
„Од аспект на социјални услуги во и деинституционализација, тековното финансирање е малку веројатно да ги одржи основните услуги за поддршка до крајот на 2026 година. Проценуваме дека ќе бидат потребни дополнителни 300 милиони денари. Понатаму, за родители на деца со попреченост кои работат со скратено работно време не се издвоени средства за усогласување на нивните плати во текот на 2026 година, и покрај нивното законско право“, забележуваат од „Менуваме“.
За корисници на гарантирана минимална помош, пак, велат дека ревидираниот буџет не доделува средства за здравствено осигурување за декември 2026 година, што според „Менуваме“ предизвикува загриженост за непрекинат пристап до здравствена заштита.
„Ова не се само бројки. Тие претставуваат деца, возрасни, семејства, лица кои се грижат за други и заедници кои се потпираат на овие услуги секој ден. Одржливото и соодветно финансирање е од суштинско значење за правна сигурност, еднакви можности, социјална инклузија и почитување на правата што им се гарантираат на сите“, посочуваат оттаму.
Од „Менуваме“ поднеле формално барање до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, со кое се бара дополнително финансирање за исполнување на законските обврски.
„Ги покануваме родителите, старателите, лицата со попреченост, организациите на граѓанското општество, професионалците, институциите и сите граѓани кои веруваат во еднакви права и социјална правда да застанат со нас“, велат од „Менуваме“, од каде најавија дека доколку нема пари за социјална заштита, системот ќе колабира, а во септември ќе има масовен протест.
Од Коалицијата изминатава година на неколку пати реагираа дека се намалани часовите за лична асистенција за луѓето со попреченост. Воедно, веќе организираа и протест за, како што рекоа, нередовните исплати на паричните надоместоци, доцнењата во финансиската поддршка за нерешените законски измени и недостатокот на ефикасно спроведување на политиките поврзани со попреченоста, кои според „Менуваме“ директно влијаат на секојдневниот живот на илјадници граѓани.
„Менуваме“ ќе протестира за повеќе лични асистенти и редовни надоместоци за луѓето со попреченост
Инаку, во Комисијата за финансирање и буџет во Собранието продолжува расправата по амандманите за ребалансот на Буџетот за 2026 година, која според Деловникот на Собранието може да трае најмногу десет работни дена, по што предлог-ребалансот ќе се најде на пленарна седница.


