Трансфер-бомба покрај езерото: Талески го засили Охрид
Македонскиот репрезентативец Филип Талески е нов ракометар на ГРК Охрид, откако потпиша едногодишен договор со можност за продолжување на соработката до 2028 година.
Препорачано
Триесетгодишниот лев бек пристигнува од унгарска Татабања, а во богатата кариера настапуваше за Металург, Рајн Некар Левен, Балинген, Вардар и Бенфика. Со германскиот гигант Рајн Некар Левен ја освои титулата во Бундеслигата.
„Потписот за ГРК Охрид за мене претставува нов, голем предизвик и исклучително мотивирачки проект. Клубот покажа огромна желба, сериозна визија и амбиција кои целосно се поклопуваат со моите лични и спортски цели. Среќен сум што ќе го носам дресот на Охрид, клуб кој незапирливо расте и има фантастична публика. Охрид заслужува големи ракометни успеси, а јас сум тука да го дадам својот максимум на секој натпревар за да ги оствариме зацртаните цели на клубот како во домашното првенство, така и на меѓународна сцена“ – изјави Филип Талески.
Талески е осмото засилување на Охрид во пресрет на новата сезона, во која клубот ќе има високи амбиции на домашната и на европската сцена.


