Силекс и Шкендија денеска го почнуваат европското лето
Македонските претставници Шкендија и Силекс вечерва ги започнуваат своите европски предизвици во квалификациите за Конференциската лига. И двата тима ќе ги одиграат првите натпревари на гостински терен, со амбиција да обезбедат позитивен резултат пред реваншите што ќе се играат во Македонија.
Препорачано
Шкендија ќе се соочи со гибралтарска Европа и во пресрет на дуелот важи за фаворит. Тетовскиот клуб беше меѓу носителите на ждрепката и според квалитетот има предност, но во таборот на македонскиот претставник потенцираат дека тоа мора да се покаже и на теренот.
„Свесни сме дека ја имаме фаворитската улога, но тоа не значи ништо ако не одиграме дисциплинирано и максимално ангажирано. Денес нема лесни противници, добро ги анализиравме и веруваме дека можеме да се вратиме со победа, која ќе ни ја олесни задачата во реваншот“, изјави капитенот Бесарт Ибраими.
За разлика од Шкендија, Силекс ќе има многу потежок предизвик против белорускиот Динамо Минск. Поради санкциите кон белоруските клубови, натпреварот ќе се одигра на неутрален терен, во Стара Загора, Бугарија.
„За нас е огромно задоволство што втора година по ред играме во Конференциска лига. Имаме голема почит за Динамо Минск, екипа која во моментов е прво место во белоруската лига и екипа која за разлика од нас има 15 натпревари зад себе. Тука доаѓаме со една единствена цел, да оствариме добар резултат за реваншот во Скопје“, изјави тренерот Александар Васоски пред утрешниот меч.
„Имаме свои адути. Минатата сезона го освоивме купот, што значи дека имаме карактер, дисциплина, знаеме да играме на резултат. Ова се натпревари во кои резултатот треба да биде во прв план, ќе настојуваме да го поминеме Динамо Минск“, порача тренерот Васоски пред наптреварот.
Силекс својот натпревар го игра од 19:00 часот, додека Шкендија излегува на терен во 19:30 часот.
ГАЛЕРИЈА | Вардар загуби на враќањето во квалификациите за Лигата на шампионите


