Maроко не се плаши од Франција: „Дојдовме тука за да станеме светски шампиони“
Селекторот на мароканската фудбалска репрезентација, Мохамед Уахби, испрати јасна порака во пресрет на четвртфиналниот дуел против Франција на Светското првенство – неговата селекција не е дојдена само да учествува, туку да ја освои светската титула.
Препорачано
Мароко во последните пет години се изгради во една од најсилните фудбалски репрезентации во светот и зад себе има големи успеси со кои стигна до полуфиналето на Светското првенство во 2022 година, стана светски шампион во конкуренција до 20 години, ја освои титулата на Африканскиот куп на Нации, играше полуфинале на Олимписките игри и триумфираше на Арапскиот куп.
Сега сака да направи уште еден чекор напред, а Уахби нагласува дека ќе биде задоволен само ако Мароко стане светски шампион.
Натпреварот против Франција е реприза на полуфиналето од Мундијалот во Катар, кога Французите со победата од 2:0 го запреа историскиот поход на Мароканците. Но, овојпат северноафриканската селекција не е аутсајдер, туку тим што самоуверено атакува на највисокото одличје.
„На крајот од турнирот ќе направиме анализа на настапите. Сега нема да зборувам за тоа, затоа што можеме да постигнеме и повеќе. Нема да ги слушаме оние што ќе ни кажат: ‘Тоа што го направивте досега е одлично’“, изјави Уахби.
Тој призна дека Франција е фаворит, но истакна дека неговиот тим нема намера однапред да се предаде.
„Франција е фаворит, но ќе направиме сè што е во наша моќ за да победиме и да се пласираме во полуфиналето. Не ми се допаѓа размислувањето дека е доволно што стигнавме дотука и дека сè понатаму е само бонус. Не, бонус е да се освои Светското првенство. Со таков начин на размислување дојдовме овде, сакаме да станеме светски шампиони и така ќе продолжиме понатаму“, порача селекторот.
Франција е светски шампион од 2018 година и финалист од 2022 година, а до четвртфиналето стигна по минималната победа од 1:0 над Парагвај, благодарение на погодокот на Килијан Мбапе од пенал.
Капитенот на Франција досега постигна седум гола на турнирот и е втор на листата на стрелци, веднаш зад Лионел Меси, кој има осум погодоци.
Покрај Мбапе, францускиот напад го сочинуваат и Осман Дембеле, Мајкл Олисе и Бредли Баркола, што ја прави оваа репрезентација една од најопасните офанзивни сили на шампионатот.
Од друга страна, Мароко убедливо ја мина групната фаза, а потоа ги елиминираше Холандија и домаќинот Канада, со што уште еднаш потврди дека е сериозна репрезентација.
„Не се работи само за имињата. Мароканската репрезентација постојано напредува, исто како и Франција. Најважно е да одиграме натпревар по кој нема да жалиме. Има работи што можеме да ги подобриме. Треба да одиграме на максимум и да не се задоволуваме со тоа што досега сме го направиле“, заклучи Уахби.
Почнува четвртфиналето на Мундијалот: Мароко сонува одмазда против моќната Франција


