Бруно Гимараеш го известил Њукасл дека сака трансфер во Арсенал
Бразилскиот репрезентативец Бруно Гимараеш го известил раководството на Њукасл дека сака уште ова лето да го напушти клубот и кариерата да ја продолжи во Арсенал. Според информациите од Англија, актуелниот шампион на Премиер лигата е подготвен да понуди околу 60 милиони фунти за услугите на 28-годишниот играч за врска.
Препорачано
Иако пред еден месец усната понуда на Арсенал, вредна нешто помалку од 60 милиони фунти, била одбиена, желбата на Гимараеш да ја промени средината повторно ја актуелизира можноста за трансфер. Засега нема официјални преговори меѓу двата клуба, а Њукасл останува на ставот дека не сака да се раздели со еден од своите најважни фудбалери.
Бруно има договор со „страчките“ до летото 2028 година, откако во октомври 2023 година потпиша нов петгодишен договор. Во него имаше откупна клаузула од 100 милиони фунти, но таа истече уште во јуни 2024 година без да биде активирана.
Њукасл веќе реализираше неколку големи продажби ова лето. Ентони Гордон се пресели во Барселона за 69,3 милиони фунти, додека Сандро Тонали потпиша за Тотенхем во трансфер чија вредност може да достигне 100 милиони фунти.
Гимараеш зад себе има успешно Светско првенство со репрезентацијата на Бразил, предводена од Карло Анчелоти. Тој беше стартер на сите натпревари и забележа четири асистенции, иако Бразил беше елиминиран од Норвешка во осминафиналето, натпревар на кој промаши и пенал.
Од своето пристигнување од Лион во јануари 2022 година, Гимараеш се изгради во еден од лидерите на Њукасл. Во Премиер лигата има одиграно 153 натпревари, постигнато 30 голови и запишано 26 асистенции, а беше еден од најзаслужните за освојувањето на Карабао Купот во 2025 година.
По историскиот трофеј, Бразилецот емотивно зборуваше за својата поврзаност со клубот.
„Ова е мојот втор дом, ние пишуваме историја. Еден ден, кога ќе го напуштам овој клуб, сакам навивачите да го пеат моето име, како што го пеат името на Алан Ширер“, изјави тогаш Гимараеш.
Останува да се види дали неговата желба за трансфер ќе доведе до пресврт во преговорите, или Њукасл ќе остане цврст на ставот дека бразилскиот ас не е на продажба.


