Галијата „Среќа“ баш нема среќа – повторно гореше и никому не му е грижа
Во изминативе две – три години галијата лоцирана во Вардар во близина на хотелот „Холидеј ин“ неколкупати гореше, но на надлежните очигледно ова не им пречи и таа и понатаму стои уништена, опожарена, со изгорени „едра“ и полна со ѓубре. Во неа привремено засолниште наоѓаат бездомници и уживатели на дроги, затоа што на ниеден начин не е спречен влезот во нејзината внатрешност. Засега тоа резултира само со повремени пожари и, за среќа, никој не настрадал.
Препорачано
-
1
-
2
-
3

Последниот пожар избувна вчеравечер, при што со интервененција на пожарникарите брзо беше изгаснат.
Пожарот се гасне со едно возило и пет пожарникари и нема опасност за негово проширување, изјави Ѕвонко Томевски, командир на Бригата за противпожарна заштита на град Скопје.
Причините за пожарот не се соопштени, веројатно допрва ќе се утврдуваат, иако повеќе од сигурно е дека се резултат на палење оган во внатрешноста на галијата од луѓето кои таму влегуваат.

Во секој случај, галијата која е наречена „Среќа“ и која е една од трите сместени во водите на Вардар, според она што се случува во изминативе години – баш и нема голема среќа.
Пред речиси четири години, при крајот на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов и по негов налог почна отстранувањето на бродот. Работите почнаа да ги изведуваат екипи на „Улици и патишта“, а како што беше соопштено, причина за уривањето беше тоа што сопственикот на бродот неколку месеци доцнел со плаќањето на киријата во износ од 1.000 евра месечно.
Резултатот од гласно најавуваната акција беа неколку извадени штици, по што работата заврши на суд откако управителот Жарко Миленковски и бугарскиот инвеститор – фирмата „Сервис емус“ АД Скопје, тврдеа дека немаат никаков долг кон Град Скопје и правдата ја побараа пред судските органи. Миленковски тврдеше дека во бродот е инвестирано повеќе од 1,2 милиони евра, дека Градот нема ништо вложено, но и дека нема никакви побарувања од нив.

Потоа, во текот на целиот мандат на градоначалничката Данела Арсовска галијата остана недопрена и руинирана и го грди кејот на Вардар. Досега не се дозна дали Град Скопје воопшто имаше некаков план во врска со галијата, а на неколкупати поставените прашања за тоа дали и како заврши судската постапка за несреќната „Среќа“, одговор не добивме.
Опожарената галија во Вардар ниту се урива ниту се поправа: Што се чека, сама да отплови?
Прашање е дали воопшто некому од надлежните му текнува дека на кејот е „закотвена“ руинирана галија и апсолутно е нејасно како со години не им пречи ваквата глетка на оние кои треба да се грижат за градот.
Галиите во Вардар беа поставени во времето кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски, како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Во меѓувреме беше изготвена Студија за намалување на ризикот од поплави, која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во која се предупреди дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти. Постоечките три галии, како што покажаа податоците од Студијата за третина ја намалиле проточноста на реката, што самото по себе ја зголемува можноста од поплави.
Сепак, очигледно не постои сила ниту желба галиите да се извадат од реката.


