Брутална егзекуција во Газа: израелски војници извлекле возач на хуманитарен камион и го застрелале во главата
Палестински возач кој носел хуманитарна помош во средата бил застрелан во главата откако конвојот застанал поради дефект на камионот кратко по влегувањето во Газа, потврдиле тројца сведоци. Тие велат дека израелските војници им наредиле на возачите да излезат од возилото, по што војник го застрелал Ахмад Еслим во главата додека ги држел рацете горе, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
Од здружението на камионџии соопштија дека може да престанат со работа во знак на протест.
Друг возач во конвојот од четири камиони, Диаа Мансур, рекол дека пукањето се случило на Коридорот Филаделфија, воен пат долж јужниот крај на Појасот Газа.
„Откако камионот се расипа, чекавме дозвола да излеземе и да го провериме, бидејќи секое наше движење мора да биде однапред координирано. Додека чекавме, пристигна израелско воено возило. Војниците ни наредија мене и на Ахмад да излеземе од камионот, а потоа му наредија и на другиот возач, Алај Шаат, да излезе. Возачот на чело на конвојот, Фарес Мухејсен, остана во својот камион. Нè натераа да застанеме покрај патот. Ми наредија да се соблечам. Потоа го извадија Ахмад од неговиот камион. Стоеше со кренати раце, а еден од војниците разговараше со него ама се чинеше дека не го разбира неговиот арапски. Тој беше застрелан во главата и почина на самото место. Се чинеше дека сакаат да дознаат зошто сме застанале, но не ја разбраа ситуацијата и веднаш отворија оган, без никаков разговор или обид за комуникација“, рече Мансур.
Џихад Еслим, заменик-претседател на Здружението на транспортни компании во Газа и далечен роднина на убиениот, рече дека конвојот во среда бил „100 проценти“ координиран преку Светската програма за храна (WFP) на Обединетите нации и организацијата за помош „Ворлд Центар Кичен“ (World Central Kitchen (WCK)), и штотуку влегол во Газа преку единствениот граничен премин што сè уште е во функција за доставување помош.
„Израелски офицер и неколку војници им се приближија на возачите, ги прашаа зошто се таму, а потоа им наредија да излезат од камионот. Ги претепаа, ги малтретираа и ги принудија да се соблечат. Во моментот кога Ахмад ги крена рацете во знак на предавање, еден од војниците извади пушка М16 и го застрела директно во главата. Тоа беше егзекуција на самото место и намерно убиство на цивилен возач кој ги почитуваше сите наредби. Тој носеше портокалов безбедносен елек и ги имаше сите потребни дозволи, безбедносни дозволи и координација одобрени од Израелските одбранбени сили (ИДФ)“, рече Еслим.
Компанијата за трговија и јавен транспорт „Ијад Камри“, каде што работеше Ахмад Еслим, исто така соопшти дека бил убиен од непосредна близина откако конвојот застанал и воена патрола им наредила на двајцата возачи да излезат од возилото.
Фотографијата од телото на Еслим по пристигнувањето во болницата покажува дека главата му била цврсто преврзана околу она што изгледало како тешка рана. 30-годишникот од Деир ал-Балах бил оженет и имал две деца под двегодишна возраст.
„Возачите ги напуштаат своите домови во три часот наутро, оставајќи ги зад себе своите жени и деца, а еден од нив може да се врати кај своето семејство само како безживотно тело. Ахмед остави зад себе едномесечно бебе и мала ќерка. По овој инцидент, пет возачи од мојата компанија ми рекоа дека под никакви околности нема да се вратат на работа на граничниот премин. Тие дадоа отказ. Оние што останаа не продолжуваат да работат затоа што сакаат, туку затоа што мораат да ги прехранат своите семејства“ изјави сопственикот на компанијата Ејад Еслим, брат на Џихад Еслим.
Израелската војска потврди дека имало пукање, но даде поинаков опис на инцидентот.
„Во среда, војниците на ИДФ забележале тројца возачи на камиони за помош кои застанале на Коридорот Филаделфија и излегле од своите возила спротивно на утврдените процедури“, изјави портпаролот на војската.
Според него, војниците ги привеле возачите на испрашување. Во исто време, како што тврдат, возачот на друг камион што застанал на блиска контролна точка се стрчал кон војниците. Војниците ја примениле постапката за апсење на осомничениот и, откако процениле дека постои непосредна закана, отвориле оган.
„Како резултат на пукањето, возачот бил ранет. Војниците му пружиле прва помош на местото на настанот, а потоа, во координација со Црвениот крст, бил префрлен на понатамошно лекување“, изјави портпаролот, додавајќи дека инцидентот е под истрага.
Возачите на приватни компании редовно се ангажирани од Обединетите нации и други хуманитарни организации за транспорт на храна и други залихи во Газа. Иако помошта се зголеми од делумното примирје во октомври, израелската војска сè уште контролира повеќе од 60 проценти од територијата и продолжува да извршува напади врз цели за кои тврди дека се поврзани со Хамас, што ја прави работата на возачот на камион исклучително опасна.


