Фирмата што ги хранела затруените работници во Штип е парично казнета, АХВ сè уште ги чека анализи
Откако беше пријавено дека имало труење со храна кај шестмина работници во фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Штип, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) привремено ја затвори кујната која ја обезбедувала храната за вработените.
Препорачано
При вонредниот инспекциски надзор, спроведен во соработка со Државниот институт за јавно здравје од Скопје, инспекторите констатирале „отстапувања во хигиената од помал обем“. Поради ова, на фирмата-оператор со храна и на одговорното лице во неа им е изречена парична казна, а објектот ќе остане затворен сè додека не се отстранат сите утврдени проблеми.
Од АХВ информираат дека до овој момент сè уште не се пристигнати резултатите од лабораториските испитувања на земените брисеви и мостри од храната.
Случајот беше пријавен во средата, откако шестмина работници со стомачни тегоби побарале медицинска помош, по консумирање оброк на работното место.
Здравствените власти потврдуваат дека четворица работници биле прегледани во Клиничката болница во Штип, додека две лица побарале помош во приватни здравствени установи. Ниту еден од вработените не е задржан на болничко лекување.
Ова е втор случај на труење со храна кај работници забележан во изминатава недела, откако 44 вработени во прилепската компанија „Микросам“ се затруја со салмонела од макарони со урда и јајца кои им биле послужени.
Инспектори ја затворија мензата во РЕК Битола поради можно труење со храна на 80 вработени


