Не можете да заспиете? Викенд кампување може да го „ресетира“ вашиот биолошки часовник, покажува истражување
Со сите одвлекувања на вниманието што ги носи современиот начин на живот, од гледање серии до постојано користење мобилни телефони, многумина тешко заспиваат навечер, а уште потешко стануваат наутро, пишува „Саенс алерт“.
Препорачано
Но, едно мало истражување сугерира дека само еден викенд поминат во природа, без вештачко осветлување, може значително да помогне во враќањето на природниот ритам на спиењето.
Истражувачи од Универзитетот во Колорадо ги следеле навиките за спиење на луѓе кои го поминале викендот во кампување и ги споредиле со оние што останале дома. Резултатите покажале дека учесниците кои кампувале не само што легнувале порано, туку и нивното лачење на мелатонин, хормонот што го регулира спиењето, започнувало порано.
Мелатонинот природно се ослободува кога ќе се стемни и му сигнализира на организмот дека е време за сон. Сепак, продолженото изложување на светлината од телефоните, таблетите и телевизорите го одложува неговото лачење, поради што биолошкиот часовник се нарушува, а заспивањето станува потешко.
Истражувачите сметаат дека престојот во природа, далеку од вештачкото осветлување, може да помогне организмот повторно да се усогласи со природниот циклус на денот и ноќта.
Во првиот дел од истражувањето, девет лица кампувале за време на летото, додека петмина останале дома. Камперите заспивале и до 1,8 часа порано од оние што го поминале викендот во вообичаената домашна средина, а истовремено се буделе и порано.
Во вториот експеримент, пет учесници поминале една недела во кампување за време на зимската краткоденица. По престојот во природа, нивото на мелатонин почнувало да се зголемува дури 2,6 часа порано отколку пред почетокот на експериментот.
Авторите нагласуваат дека истражувањето опфатило мал број испитаници, па резултатите треба да се потврдат на поголеми групи. Сепак, добиените податоци укажуваат дека дури и краток престој без вештачка светлина може да има позитивен ефект врз циркадниот ритам.
„Доцното време на заспивање, кое е сè почесто во современото општество, е поврзано со бројни негативни последици – утринска поспаност, намалена продуктивност, послаб успех на работа и во училиштата, поголем ризик од несреќи, нарушувања на расположението, злоупотреба на супстанции, дијабетес и дебелина“, изјави раководителот на истражувањето, Кенет Рајт.
Тој додава дека резултатите покажуваат оти современиот начин на живот го поместува нашиот биолошки часовник, без оглед на годишното време, но дека дури и едно викенд-кампување може брзо да го врати во природен ритам.
Во зимскиот експеримент учесниците немале пристап до мобилни телефони и батериски светилки, а единствен извор на светлина им бил логорскиот оган. Во летниот експеримент им било дозволено да користат батериски ламби, но не и мобилни телефони.
По викендот поминат во природа, анализите на плунката покажале дека кај камперите мелатонинот почнувал да се лачи околу 1,4 часа порано отколку пред експериментот.
Истражувачите не утврдиле колку долго трае овој ефект, па се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали станува збор за краткорочно или долгорочно подобрување.
Овие резултати се совпаѓаат со претходно истражување на истиот тим од 2013 година, кое покажало дека една недела кампување без електрична енергија во летните месеци го поместува биолошкиот часовник за околу два часа, па луѓето природно заспиваат околу 22 часот и се будат околу 6 часот наутро.
Добрата вест е дека не мора секој да оди на кампување за да има корист. Истражувачите сметаат дека и поголемата изложеност на природна дневна светлина во секојдневниот живот може значително да го подобри квалитетот на спиењето.
„Нашите резултати покажуваат дека треба да се размислува за архитектонски решенија што ќе внесуваат повеќе природна светлина во зградите, како и за паметни системи за осветлување што ќе го следат природниот ритам на денот и ноќта. Тоа би можело да придонесе за подобро здравје, поголема продуктивност и подобра благосостојба“, истакна Рајт.
Јадранот станува луксуз — кампувањето во Хрватска најскапо во Европа


