Илустрација - несреќен пар / Фото: Unsplash

Скриени знаци кои најавуваат крај на љубовната врска

Многумина бараат стручна помош дури кога нивната врска ќе западне во длабока криза, а неретко остануваат целосно затекнати кога партнерот ненадејно ќе одлучи да ја прекине врската за која верувале дека е стабилна. Во такви ситуации често се покажува дека суптилни, но опасни модели на однесување долго време незабележливо ја поткопувале врската.

Многу парови едноставно не ја препознаваат токсичната динамика во односот и го потиснуваат сопственото незадоволство наместо искрено да разговараат за проблемите.

Доколку овие предупредувачки знаци биле препознаени навреме, исходот можел да биде сосема поинаков.

„Сајколоџи тудеј“ издвојува неколку од овие модели на однесување и нуди препораки како да им се пристапи. Клучот за успехот лежи во комуникацијата. Важно е да се создаде сигурна средина во која двајцата партнери ќе се чувствуваат слободни да зборуваат за себе и за своите чувства. Потрудете се да бидете смирени и на партнерот да му пристапите со добронамерност.

Додека разговарате и внимателно се слушате еден со друг, важно е да останете поврзани со чувствата на грижа и љубов. Со директно соочување со следните модели на однесување, можете да почнете да развивате сочувство кон себе и кон партнерот, отворајќи простор за поинаква и поквалитетна комуникација.

Секој има своја страна од приказната

Во секоја врска партнерите честопати имаат сосема различни доживувања на нивниот однос. Едниот може да смета: „Јас повеќе се жртвувам“, „Јас повеќе се трудам“ или „Јас сум тој/таа што се грижи за сè“, а овие приказни неретко се судираат. На пример, во некои врски и двајцата партнери се сметаат себеси за главни носители на семејниот буџет, додека во други и двајцата веруваат дека токму тие се погрижливиот родител.

Перцепцијата за себе, за партнерот и за сопствениот придонес во врската може драстично да се разликува. Тоа значи дека двајца луѓе можат да живеат во две сосема различни реалности, иако го делат истиот живот.

Начинот на кој го доживуваме светот и меѓучовечките односи најчесто се обликува уште во детството, под влијание на нашата емоционална структура, психолошките предиспозиции и животните искуства. Поради тоа, секој човек на единствен начин создава емоционални врски и се однесува кон другите.

Токму затоа е од суштинско значење да се обидете „да се ставите во чевлите на партнерот“ за да ја разберете неговата перспектива и неговите искуства. Тоа бара привремено да ги оставите настрана сопствените мисли и реакции и да му пристапите со искрен интерес и љубопитност. Наместо однапред да носите заклучоци за неговите мотиви и чувства, поставувајте отворени прашања и внимателно слушајте што ви кажува за своите ставови, чувства, очекувања и намери.

Кога отсуството на кавги е лош знак?

Партнерите често веруваат дека прават благородна работа ако ги избегнуваат конфликтите и тивко страдаат. Се убедуваат себеси дека го потиснуваат незадоволството и се обидуваат да го извлечат најдоброто од ситуација што не ги исполнува. Но нивното незадоволство, всушност, е очигледно.

Потиснатиот гнев и фрустрацијата излегуваат на површина преку напнатост и непријателски однос во секојдневната комуникација. Во една врска никогаш не е несреќен само едниот партнер; ако едниот е несреќен, тоа неизбежно влијае и врз другиот.

Главен показател дека проблемите се натрупуваат под површината е привидната хармонија, односно впечатокот дека парот никогаш не се кара. Ако нема несогласувања, тоа најчесто значи дека некој не е искрен. Невозможно е двајца луѓе секогаш и за сè да имаат исто мислење. Токму затоа треба да бидете подготвени и за непријатни разговори. Секој партнер треба отворено да каже што сака, од што е незадоволен и што го лути.

Вистина е дека во некои работи едноставно се разликувате. Како што вашата комуникација ќе станува поотворена, ќе се појавуваат и несогласувања, а тоа е здрав показател за искрен однос. Низ тој процес не само што повторно ќе ја откриете сопствената индивидуалност, туку ќе научите да ја цените и индивидуалноста на партнерот.

Улогата на жртва во врската

Тивкото преиспитување и страдање често водат кон развивање менталитет на жртва. Тоа не значи дека нечие незадоволство е неоправдано, туку дека пасивноста и избегнувањето соочување со проблемите создаваат чувство дека сме жртви на околности врз кои немаме никакво влијание.

Лесно е човек да западне во чувство дека некој го искористува или недоволно го цени. Некои дури можат да мислат дека избегнувањето конфликти е благороден чин, а всушност си нанесуваат штета и себеси и на врската кога заземаат пасивна улога.

Вистинскиот партнерски однос бара две самостојни и автономни личности. Ако едниот партнер е потчинет, доминантен, незрел или се поставува како родител, таквата нерамноправност ги поткопува темелите на врската. Како возрасни личности, не сме жртви во сопствениот живот, затоа што имаме способност да носиме одлуки. Тие одлуки можат да бидат тешки, но сепак се наши. Одлуката искрено да комуницирате и со себе и со партнерот може да ги разниша темелите врз кои сте го изградиле тоа чувство на жртва.

Да се дели животот со друга личност понекогаш е тешко, но може да биде и едно од најисполнувачките животни искуства. Развивањето сочувство кон себе и кон партнерот, разбирањето на вашите различни погледи на светот, отвореното изразување на желбите и надежите и отфрлањето на улогата на жртва се алатки што можат да помогнат вашата врска да се развива и напредува.

Разликите меѓу вас, вклучително и оние што веројатно секогаш ќе постојат, не се знак дека врската е осудена на пропаст. Напротив, тие можат да бидат почетна точка за интересни разговори, компромиси и заемна соработка.

Во таква средина, ситуациите што порано предизвикувале огорченост можат да се доживуваат со благо задевање, нежност и разбирање. Така се отвора простор за вистинска блискост – навистина да го запознаете својот партнер и да му дозволите и тој вистински да ве запознае вас. Со таква искреност, ненадејниот прекин на врската повеќе не мора да биде една од можните разврски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот