Поради агендата и обврските, нема фиксни термини за средба со Герасимовски
Oд Општина Центар за „Слободен печат“ одговорија дека градоначалникот редовно комуницира и се сретнува со жителите на настаните низ Центар, а фиксен термин за приемен ден исклучиво за средба со Герасимовски нема поради, како што велат, динамиката на работењето на градоначалникот, која мора да се усогласи со неговите тековни работни обврски во канцеларија и на терен.
Викендов се отвори дилема во Центар откако во фејсбук-групата „Во одбрана на Буњаковец“ беше објавен одговор од барање за средба со градоначалникот Горан Герасимовски, на кое се наведува дека во Општината нема приемен ден со градоначалникот директно, туку има само со сите општински сектори.
Препорачано
Сепак, градоначалниците на другите општини често знаат да информираат дека имаат отворен ден за посета од граѓани, како што последно информираше првиот човек на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, а оваа практика ја имаат и други градоначалници.
Во групата жители реагираа на оваа објава и поставија прашање зошто Герасимовски нема приемен ден, односно зошто граѓаните не можат директно и официјално да закажат средба со него.
– Прашање до Општина Центар – Скопје: Дали документов што ни беше пратен по порака е автентичен, односно дали навистина градоначалникот Горан Герасимовски нема приемен ден за средби со граѓаните? Ако нема, зошто нема? – објавија во фејсбук-групата „Во одбрана на Буњаковец“.
Како што се наведува во одговорот на барањето за средба, Општина Центар има предвидено приемни денови во сите сектори и кај нивните раководители, секој вторник и четврток, од 9 до 11 часот.
На оваа тема од Општина Центар за „Слободен печат“ одговорија дека градоначалникот редовно комуницира и се сретнува со жителите на настаните низ Центар, а фиксен термин за приемен ден исклучиво за средба со Герасимовски нема поради, како што велат, динамиката на работењето на градоначалникот, која мора да е во согласност со неговите тековни работни обврски во канцеларија и на терен.
– Градоначалникот Горан Герасимовски секојдневно е во непосредна комуникација со граѓаните и редовно остварува средби со жители на Општина Центар. Во неговата работа нема однапред определен ден или фиксен термин исклучиво за прием на граѓани, бидејќи динамиката се усогласува со неговите тековни работни обврски и агенда на терен – велат од локалната самоуправа.
Од Општина Центар потенцираа дека иако не може да се закаже средба со првиот човек на локалната самоуправа, вратите на кабинетот на градоначалникот, како што велат, се отворени за сите граѓани. Оттаму истакнаа дека секое барање за средба се организира во најкус можен рок.
– Сепак, вратите на кабинетот се отворени за сите граѓани и секое барање за средба се разгледува и се организира во најкус можен рок – изјавија од Општина Центар.
Иако од Општината велат дека вратите се секогаш отворени, во практика, во одговорот на барањето за средба, се докажува токму спротивното, од Секторот за поддршка на градоначалникот одговориле дека приемен ден до Горан Герасимовски нема и дека може да се закаже средба само со надлежните раководители на општинските сектори.
Од Општината одговорија и дека покрај директни средби во Општината, градоначалникот е постојано на терен и одржува неформални средби во маалата и на јавните настани, каде, како што велат од локалната самоуправа, граѓаните имаат можност со него да ги споделат сите нивните барања и забелешки.
– Покрај директните средби во кабинетот, градоначалникот е постојано присутен на терен, во населбите, на маалски средби и јавни настани, каде што граѓаните имаат можност непосредно да ги споделат своите предлози, забелешки и потреби – укажуваат од Општина Центар.
Според овие информации од Општината, доколку жителите имаат потреба за да разговараат до Герасимовски, тие можат да закажат средба во Кабинетот, а доколку таа е одбиена како во случајот погоре, центарци веројатно ќе треба да го пронајдат и со своите проблеми и забелешки да му пријдат на градоначалникот на некој иден настан што ќе биде одржан во рамките на Општината.


