Фото: Thissatan Kotirat / Alamy / Alamy / Profimedia

Русија тајно испратила војници во Кина на воена обука

Руски и кинески воени функционери учествувале во тајни обуки поврзани со војната во Украина, откако програмата била лично одобрена од рускиот министер за одбрана, објави „Ројтерс“.

Европски функционери за „Ројтерс“ наведуваат дека вклученоста на толку високи воени преставници во воената обука укажува на значењето што Москва и Пекинг ѝ го придаваат на ваквата соработка, која предизвикала загриженост во Европа, иако Кина негира дека се случила.

Класифициран руски документ што го видел „Ројтерс“ директно се повикува на внатрешна уредба издадена од министерот за одбрана, Андреј Белоусов, во август 2025 година.

Во документот се наведува дека, согласно одлуката на Белоусов, делегација од руските вооружени сили отпатувала во Кина за учество во обуки во објекти на Народноослободителната армија (ПЛА).

Обука за радиолошко, биолошко и за хемиско војување

Истиот извештај опишува една од обуките — тринеделна сесија посветена на заштита од радиолошко, хемиско и од биолошко дејствување во воен објект во Пекинг во ноември.

Извештајот и уште еден документ прикажуваат и фотографии од руски војници кои слушаат предавања од кинески инструктор, гледаат модел на нуклеарен реактор и учат за „хемиско извидување“, за „радијациско извидување“ и за заштита на вентилациски системи од контаминација.

Вклучувањето на обука за радиолошко, биолошко и за хемиско војување ја нагласува стратешката природа на соработката, изјавил еден европски функционер, додавајќи дека оваа област е особено чувствителна за армиите.

Советници на Трамп по посетата на Кина: Напад врз Тајван во следните 5 години

Министерствата за одбрана на Русија и на Кина не одговориле на барањата за коментар. Кинеското Министерство за надворешни работи соопштило дека ставот на Пекинг за војната во Украина останува непроменет и дека „релевантните тврдења се целосно неосновани“.

Пекинг тврди дека е неутрален во војната и се претставува како мировен посредник.

Според претходен извештај на „Ројтерс“, повикувајќи се на европски разузнавачки служби, Кина во ноември обучила околу 200 руски војници, од кои дел подоцна се приклучиле на војната во Украина.

Европската Унија соопшти дека преку свои канали потврдила дека обуката се одржала и дека ги анализира последиците. Кина ги отфрлила тие изјави како „клевети“.

Според документи што ги видел „Ројтерс“, меѓу потписниците на договорот за обуката се рускиот генерал-мајор Рустам Хусаинов и кинескиот висок полковник Сун Даjун.

Рускиот пратеник Андреј Картаполов тврди дека извештајот е „целосна бесмислица“.

Во документите се наведува дека Русија има големо борбено искуство од војната во Украина, додека Кина има напредна армија, но без борбено искуство.

Во документите се наведуваат и други генерали кои учествувале, меѓу кои и генерал-полковник Рустам Мурадов, кој ја предводел руската делегација, како и кинескиот генерал-мајор Ли Јинсун и рускиот генерал-мајор Виталиј Герасимов, кои учествувале во одделни обуки.

Кина ѝ помага на Русија да произведува хиперсонични нуклеарни ракети

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот