Ѓорѓи Илиевски

Во Европа и во светот се враќаат книгите во училиштата

Образовниот систем во Македонија само ја отсликува македонската политичка стварност. Така, во многу сегменти од образованието, сведоци сме на неспособност, беззаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам, недостиг на контрола, непотизам и задоволување на партиските интереси.

Многу прашања се поставуваат за тоа зошто повеќе европски и светски влади планираат во училиштата да ги вратат книгите, а да се забранат мобилните телефони, некои и социјалните мрежи за децата или забрана на вештачката интелигенција (ВИ) и слично.

Така, чешката влада поднесува закон за забрана на употреба на мобилните телефони во училиштата од септември 2027 година, со некои исклучоци какви што се здравствени причини или употреба за образовни цели. Во овој дел чешката влада размислува и за забрана на социјалните мрежи за децата по примерот на Франција. Полска ги следи земјите како Холандија, Јужна Кореја и Италија во забраната на паметни телефони во училиштата поради загриженост за нивното влијание врз концентрацијата и однесувањето.

Во овие рамки треба да се напомене дека, кога станува збор за социјалните мрежи Австралија беше првата што го забрани пристапот за деца, а Обединетото Кралство овој месец објави забрана за лица под 16 години.

Што забранува норвешката влада во училиштата?

Норвешка, една од клучните скандинавски земји, заедно со Шведска и Данска го формираат географското и културно јадро на Скандинавија. Норвешка воведува целосна забрана на вештачката интелигенција (ВИ) во основните училишта, а истовремено ја ограничува нивната употреба и во образованието на постарите деца за да се спречи негативното влијание врз учењето. Која е причината? Норвешкиот премиер Јунас Гар Стерс соопштил дека „причината е значителниот пад на резултатите на тестирањата, па норвешката влада во 2024 година ги забрани паметните телефони во училиштата, и додава дека „користењето на ВИ го зголемува ризикот малите деца да прескокнат важни чекори во своето образование“. Понатаму тој истакнува: „Најважното во училиштата е нашите деца да научат да читаат, пишуваат и сметаат“, додавајќи дека новите стандарди ќе почнат да се применуваат од новата учебна година, која започнува кон крајот на август. Па, така, норвешката влада соопштува:

– Учениците од прво до седмо одделение од 6 до 13 години, по правило не би требало да користат ВИ, додека учениците во пониските класови на средно образование, на возраст од 14 до 16 години ќе можат внимателно да ги користат овие алатки под надзор на наставниците;

– Во повисокото средно образование, од 17 до 19 години, учениците ќе треба да научат правилно да ја користат ВИ за да бидат подготвени за понатамошно образование и работа;

– Треба да се напомене дека Норвешка започна со воведување компјутеризација во училиштата во 90-тите години на 20 век, а таблети од 2010 година наваму, со што се намали зависноста на учебници и рачно пишување. Менувајќи го овој тренд, норвешката влада предложила законски решенија за финансирање поголема употреба на книги во наставата, а најави план за забрана на социјални мрежи додека не наполнат 16 години, следејќи го трендот што го започнала Австралија и неколку други земји со цел да се намали користењето електронски уреди меѓу младите.

Зошто Шведска ги враќа книгите во училиштата

Со одлука на шведскиот парламент од 1 јули 2024 година стапија во сила измените на Законот за образование, со кои, меѓу другото, ќе се обезбеди пристап до учебници, други едукативни материјали и други помагала за учење. Само да се напоменe дека претходно на учениците не им бил гарантиран пристапот до учебниците. Па, така, владата го задолжила училишниот инспекторат да го проверат пристапот на учениците до учебниците и другите наставни материјали.

По одлуката на шведските власти да вратат што е можно повеќе книги во училиштата наместо таблети, компјутери и други дигитални помагала како што објаснува шведскиот министер за образование и наука, дигиталните алатки за учење треба да се воведат во наставата само на возраст кога не го попречуваат учењето на учениците. Се наведува дека шведската влада нема да го следи предлогот на Националната агенција за образование за дигитална стратегија бидејќи беше критикувана од невролозите и педијатрите.

Се поставува прашањето: Зошто власта во Шведска, земја која може да се нарече пионер во модернизацијата и дигитализацијата на наставата, се решила на ваков драстичен чекор и што можат другите да научат од тој пример?

Шведскиот министер за образование дава детално објаснување: „Способноста на учениците да читаат и да го разберат она што го читаат е основа за учење по сите училишни предмети. Училишната политика на шведската влада има цел да се врати на основите и да изгради силен училиштен систем заснован на знаење, со акцент во раните одделенија на основни вештини како читање, пишување и аритметика“.

Притоа се додава дека најдобрите услови за развојот на основните вештини за читање и пишување може да се најдат во аналогни средини со аналогни помагала.

„Затоа е важно учениците да работат со пенкало и хартија и, последно, но не и најмалку важно, да имаат пристап до учебници и училишни библиотеки со персонал“, ќе истакне министерот за образование и додава дека дополнително, добрите вештини за читање им овозможуваат на учениците да се движат низ светот и да ги стекнат потребните знаења и информации, но и да ја доживеат радоста на читанките – можност да откриваат нови светови и да ги разберат другите.

Според Министерството, постојат научни докази дека средини без екран создаваат подобри услови за децата да градат односи, да се концентрираат и да научат да читаат и да пишуваат. Затоа, важно е дигиталните алатки за учење да се воведат во училницата само на возраст кога тие промовираат учење и не им го попречуваат учењето на учениците. Затоа, употребата на такви помагала мора внимателно да се разгледаат.

Оттаму објаснуваат дека на шведските ученици им требаат повеќе учебници. Потоа, пристап до добра белетристика и нефикција е од суштинско значење за да се поттикне стрaста за читање. Шведската влада инвестирала за да им овозможи на предучилишните установи и училиштата да купат повеќе литература, а инвестирала и во развојот на вештините на наставниците за зајакнување на јазикот на учениците, писменоста и математичките вештини.

Што покажуваат последните истражувања на УНИЦЕФ за образованието во Македонија

Образовниот систем во Македонија го тресат голем број скандали од обелоденувањето на квазинаучни трудови и препишување, трудови што се целосно плагијати, до непотребни заеми од Светска банка за небулозни, беспредметни и некорисни проекти. Всушност, образовниот систем во Македонија, само ја отсликува македонската политичка стварност. Така, во многу сегменти од образованието, сведоци сме на неспособност, беззаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам, недостиг на контрола, непотизам и задоволување на партиските интереси. Образованието во Македонија е во криза, а деградацијата на образованието е застрашувачка. Но министрите за образование и наука, како поранешните Дескоска, Адеми, Цароска, Шаќири и сегашната Јаневска за ваквите образовни состојби во образованието не чувствуваат одговорност.

Поаѓајќи од истражувањата направени од релевантни истражувачки меѓународни екипи и институции каде што состојбите за загрижувачки, Владата и министрите за образование и наука наместо да водат образовна политика, се занимаваат со политика во образованието. И тие не чувствуваат потреба од одговорност.

Образовната состојбата во Македонија е алармантна. Зарем не!

(Авторот е виш просветен инспектор во пензија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот