Кица Колбе ќе присуствува на книжевно-промотивна вечер за романот „Простување“

Последниот вентилатор

Земјината топка е навистина рајска градина, а таа може да се спаси од нас самите само со заедничка стратегија во која ќе учествува секој од нас, дури и со скромен ангажман во својот малечок свет.

Според германските метеоролози, за викендов, во саботната ноќ, била измерена највисоката температура од почетокот на метеоролошките мерења во Германија! Субјективно, ми се чинеше уште во петокот, во ноќта спроти саботата, дека таа беше најтоплата ноќ во овие 45 години во кои живеам во Германија.

Никакво чудо што во саботата беа распродадени сите вентилатори и клима-уреди во келнските продавници. Откако цела недела секој ден стануваше сè потопол, пред викендот сите тргнаа во потрага по последниот вентилатор. Ние не успеавме да го купиме во продавница, затоа го нарачавме онлајн. А додека да стигне, ќе се заштитуваме од прегреаноста на нашите одаи со тоа што ќе ги повлекуваме завесите уште изутрина, како што правевме во Скопје во шеесеттите, кога животот сè уште беше скромен, а летните температури нормални, па никој немаше вградени клима-уреди во куќите како денес.

Келн и Бон како „горешт котел“ – сличност со Скопје

Секако, од онлајн нарачаниот вентилатор немавме полза за време на викендот, кога се чинеше дека ѕидовите ја впиле во себе сета топлина на сонцето, за широкоградо да ја оддадат во ноќта, во внатрешноста на куќите. Одаите веднаш се претворија во сауна. Префрлувајќи си зошто не заминавме уште во петокот во „лов по вентилатор“, зашто тогаш можеби уште имаше шанса да се најде некој од резервите во магацините, ми стана јасно колку е апсурдна состојбата во која се наоѓаме денес сите, во развиените и во неразвиените земји, откако климатските промени забрзано се интензивираат. Речиси во цела Германија за овој викенд се очекуваа рекордни температури и до 41 степен. Рајнската област, особено Келн и Бон крај Рајна, отсекогаш ме потсетуваат на положбата на Скопје крај Вардар, каде што котлината крај познатите реки во лето станува „горешт котел“.

Иако викендот планиравме да го поминеме во едно место помеѓу Келн и Диселдорф, во кое стигнавме во петокот вечерта, јас и сопругот уште напладне во саботата се вративме во Келн. Знаевме дека келнската куќа беше пред неколку години изолирана според најмодерните стандарди за заштита од студ и од топлина. Тоа ни гарантираше дека во станот во Келн ноќната температура ќе биде пониска за некои 4-5 степени. А тоа е вистински рај, споредено со топлината во одаите во куќата во малото гратче, градена од печена цигла во дваесеттите години од минатиот век. Таму ни се чинеше дека воздухот во одаите беше потопол од тој што влегуваше низ отворените прозорци. Ни стана јасно колку е значајно, за еколошката состојба во која се наоѓаме, куќите да бидат градени или дополнително изолирани според најмодерните стандарди за заштита од екстремни температури, во зима и во лето.

Од умерена клима до африкански температури

Денес (во неделата во која ја пишувам колумната), сите онлајн портали и печатени весници известуваат дека овој викенд бил продаден рекорден број вентилатори. Зошто ретко кое германско семејство има во подрумот или во шпајзот вентилатор? Затоа што германската клима, особено онаа во рајнската област, која ја запознав во летото 1981 година, до пред некоја година беше умерено континентална, така што сино небо без облаци беше реткост. Паметам, во мојот прв германски облачен јунски ден, некаде кон пладне, го прашав маж ми кога ќе изгрее сонцето, а тој лаконски ми рече: „Денес може никогаш, а веројатно и утре!“

Во тој миг, жешките летни пладниња во Скопје, во кои седевме дома со повлечени завеси во пријатен полумрак, станаа за мене симбол за јужниот рај. А оваа недела, само 45 години подоцна, секој ден нè будеше азурно сино небо, а сонцето силно печеше врз кожата уште пред 11 часот. Исто како некогаш во Скопје, затоа што претпоставувам дека климатските промени направија и скопјани денес да копнеат по некогашните скопски лета, затоа што сегашните имаат африкански температури.

„Конечно Скопје стана вистинска Казабланка“, си реков деновиве мислејќи на мојот прв роман „Снегот во Казабланка“. Дина Аспрова, главната личност во романот, родното Скопје го преобразува во шифрата „Казабланка“. Но тоа Скопје, и омажот на неговите умерено топли лета, преживеа само уште во мојот роман, додека во реалноста го уништија градежната мафија, депониите и преполните контејнери со ѓубре. Сегашното Скопје го направија бетонски полигон оние што ги исекоа старите липи на плоштадот и во дрворедите.

Тоа што во келнскиот кварт во кој живееме помага летните ноќи да бидат неколку степени помалку жешки од другаде, се огромните стари липи, кои како зелен шпалир стојат пред куќите. И не само што со зеленилото создаваат впечаток на ладовина и во најголемата летна жега, туку и го прочистуваат воздухот. И Скопје некогаш беше градот на липите…

Екологија и политика: германски и македонски контраст

Германската сојузна управа за екологија истакнува дека, според научниците, климатските промени може да се спречат само со брзи и консеквентни мерки. Заштитата на климата е важна стратегија со која ќе се гарантира благосостојбата и квалитетот на животот на луѓето. Токму затоа екологијата треба да биде приоритет за политиката, се потцртува во препораките на управата.

Оваа препорака за германските политичари е многу поактуелна како предупредување за македонските политичари. Впрочем, тие ја дозволија ерозијата на скопската климатска состојба, со тоа што не го спречија неконтролираното градење во строгиот центар на Скопје, уништувајќи го за таа цел зеленилото што преживеало многу власти, но стана жртва на транзициската градежна мафија и на недостигот од консеквентна еколошка стратегија за градот.

Во Келн, во политиката е најсилна фракцијата на Зелените, затоа што голем процент од келнјаните ги ценат еколошките предности на својот град, со неколку огромни, стари паркови, со богато зеленило во станбените квартови. Германските прописи не дозволуваат, без дозвола, да се исече дрво ниту во сопствената градина, а камоли во големите паркови и во дрворедите крај улиците, како што се практикуваше во Скопје.

И, сепак, анкетите покажуваат дека, кога станува збор за стопирањето на климатските промени, сè помалку Германци се оптимисти. Само една третина од анкетираните е уверена дека Германија е способна да ги спречи последиците од климатските промени. Иако партијата на Зелените постои безмалку половина век, иако и кај голем број од просечните граѓани постои висока еколошка свест, сепак јасно е дека за да се стопира брзото загревање на атмосферата е потребна глобална стратегија.

„Последниот вентилатор“ како симбол на глобалната криза

Во овој свет, во кој во највлијателните земји владеат диктатори и автократи, кои порадо инвестираат во наоружување за војните што самите ги предизвикале, отколку во заштитата на климата и на животната средина, „последниот вентилатор“ има потенцијал да стане шифра за малечката надеж што останува во овој налудничав свет – дека еден ден политички моќните ќе доживеат чудесно „просветлување“ и од диктатори жедни за моќ ќе се преобразат во градинари, во мирољубиви политичари кои за светот ќе се грижат како тој да е рајска градина.

Земјината топка, таа чудесна сина планета, е навистина рајска градина, а таа може да се спаси од нас самите само со заедничка стратегија во која ќе учествува секој од нас, дури и со скромен ангажман во својот малечок свет. За да не биде последниот вентилатор навистина „последниот“, пред големиот пожар од кој нема повеќе да има враќање назад.

(Авторката е филозофина и македонска и германска писателка)

Дојче веле

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот