Реакција: За кого навива Арсовски?
(„За пироманите во Македонија и Бугарија“, „Слободен печат“, 22 јуни 2026)
Просто е неверојатно, ама за П. Арсовски, во неговата анализа за „Дојче веле“, Македонија и Бугарија ја делат вината за лошите односи!? Зарем може на еден (познат!) аналитичар да не му е кристално јасно дека Македонија е со години под жестока бугарска агресија? Агресија базирана врз тешки национални фантазмагории и историски синдроми, кај нив актуелни повеќе од 150 години? Дека пироманите се во Бугарија, и тоа под команда на власта, а не кај нас? Дека во Софија постои вековна традиција на негирање на сè македонско?… И сега, за Арсовски – вината за лошите односи да ти била – заедничка! Страшно!
Препорачано
Арсовски пишува дека: а) и ние, и тие сме биле секако субјективни (за овој случај, тоа апсолутно не важи); б) „… политичкиот дијалог меѓу Скопје и Софија постепено се претвори во натпревар за политичко плукање“ (ние не плукаме, а Софија тоа ни го прави секојдневно); в) „наместо дипломатски јазик и конструктивен пристап, доминираат пораки за историски неправди, негирање, предавства и национални закани“ (такви односи наметнува само Бугарија); г) „наместо визија за заедничка европска иднина, јавноста во двете земји се храни со романтични и националистички приказни за минатото“ (а, бе, како изгледа – Софија бескрупулозно ни ја блокира нашата европска иднина?!); д) „се создаде политичка клима во која секој компромис се доживува како национално отстапување…“ (Бугарија диктира уцени, ултиматуми, вета и диктати. За компромиси – не знае); ѓ) „овој тренд продолжува и денес, кај некои поттикнат од национализам, кај други од популизам, но во основа со ист резултат“ (споредбата е бесмислена и навредлива за Македонија); е) „Бугарија … се претвори … во епски симбол на неправда и надворешен притисок…“ (Софија го докажува тоа – секој ден); ж) „… политичките партии брзо сфатија дека конфронтацијата со Софија носи поддршка и емотивна мобилизација…“ (одбраната на сопствените интереси е – клучна обврска); з) „колку повеќе се заоструваше реториката во Софија, толку повеќе растеше револтот во Македонија…“ (а што требеше? Да им аплаудираме?); и) секој настан станува – „дел од поголема приказна во која секоја страна е убедена дека е жртва, а другата страна агресор“ (тотална бесмислица. Ова е мешање на баби и жаби); ј) „кога со години се зборува дека некој сосед е непријател… тогаш се создава средина за радикални постапки“ (демек, се палат автомобили!?!). Еурека! Еве го виновникот за лошите односи!
Читаш, и не веруваш. Цитирани се 11 оценки на Арсовски, во кои се Македонија и Бугарија целосно изедначени во одговорноста за судирот! Негово право е да навива за Бугарија, без оглед на фактите ама, сепак, мора да има исав! Очевидно е, на пример, дека Софија профитира од членството во ЕУ, и со ултиматуми го уценува нашето зачленување! Паралелно, како и за време на фашизмот, ги користат и регионалните интереси на светските фактори, изигрувајќи нивна алатка против Македонија. Каква мизерија!
Затоа, тврдењата дека одговорноста за конфронтацијата е – заедничка, се целосно надвор од умот, и немаат врска со новинарската и аналитичката етика. И покрај вековните ментални девијации на Софија кон Македонија и Македонците, ние секогаш сме имале невидена толеранција што сега, сосема заслужено – нѐ удира по глава. Растеа нивните амбиции, и еве финале – обид за наша бугаризација!
За Арсовски – „најстрашно е што антагонизмот и тензијата одамна престанаа да бидат привремени ескалации туку станаа новото реално“. Вина на Софија, пак нема! Во заклучокот, вели – „цела една генерација млади Македонци и Бугари расте слушајќи дека сме непријатели…“, и додава – „наместо да се создаваат заеднички интереси, се произведуваат нови причини за недоверба“! Тој што создава длабоки и суштински конфронтации, а не само недоверба, има име и се вика – Бугарија! Македонија е само жртва.
Тука, Арсовски, на Софија ѝ подметнува и некакви „млади Македонци“ а за нив, такви – не постојат! Ни млади, камоли – повозрасни! Јас сум роден 1942 година, и за нив сум – чист „Бугарин“. А татко ми, дедо ми, прадедо ми, и прапрадедо ми сите биле Македонци, за што имам директни сведоштва! Тука е, впрочем, и проблемот – односите се резултат на нецивилизациски бугарски политики. Нашата вина е само во тоа што постоиме – како посебен народ, јазик, историја… Тоа, тие не го прифаќаат, и секојдневно ни го кажуваат. Како Арсовски тоа не го разбира? Што народ ќе бевме? Ем измислени од Тито, ем насилници! Неверојатно.
Меѓутоа, мора да се признае: и покрај нашиот жесток говор на отворена омраза, на крајно пријателски начин, иако со ултиматум, уцена, блокада… Софија бара да го смениме Уставот и да се прогласиме за втора бугарска држава! А, ние? Се правиме важни, демек – не може! А веќе има втора албанска и српска држава! Зошто да нема и втора бугарска? Кој сме ние да го спречуваме тоа?
Ова не е единствена „екскурзија“ на Арсовски во полза на Бугарија. Интересно, тој постојано ги игнорира фактите и аргументите, заедно со македонските национални интереси. Во „Слободен печат“, од 5 јуни 2026, повторно за „Дојче веле“, тој го објави текстот – „Македонија нема ‘мала врата’ за ЕУ“. Клучната порака е – „нема алтернатива на уставните промени“! Вели – „уставните измени се неизбежен следен чекор … и повеќе не можеме да се преправаме дека постои некоја друга врата. Не постои“! И продолжува – „една опција е да се запре сегашниот пристапен процес и да се бара целосно нова преговарачка рамка“! Зарем никој не му кажал дека Македонија веќе токму четири години нема никаков „пристапен процес“, за да може да го запре? Има само ултиматум за промена на Уставот, и преговарачка рамка, за која дале согласност неговите партиски истомисленици. Со неа, Македонија нема никогаш ниту да се приближи до Брисел!
Да почнеме со промената на Уставот: утре да ги внесеме Бугарите во него, од задутре тоа да важи, за недела дена да ги започнеме преговорите со ЕУ и за три месеци да ги завршиме… Никаде нема да стигнеме! Договорот мора да биде ратификуван во парламентите на сите 27 членки. Што мислат Арсовски, и тие како него – бугарското Собрание ќе го ратификува нашето членство ако официјално не прифатиме дека сме „Бугари по род“, дека јазикот ни е дијалект на нивниот, а историјата ни е заедничка, поточно – бугарска? Тоа е теоретски невозможно! Уставот го расчистивме, нели?
Впрочем, Македонија по никоја цена не смее да внесува измислени Бугари во Уставот! Тоа би значело согласност за наша бугаризација. Тоа е и целта, не само бугарска. Арсовски нека се запраша – а, зошто Софија ултимативно сака „Македонски Бугари“ во Уставот? Мора да имаат некаква цел, која не е формална? Сигурно ги видел изјавите на Радев дека Европејците не го разбирале за Гоце, и како тој се сетил нашето негирање и бришење да го реализира преку човековите права? А за нив, „Бугари“ кај нас се сите што зеле нивни пасоши! Такви, пак, според Софија, заедно со членовите на семејството, има најмалку 500 илјади!
Да продолжиме со рамката. И површна анализа, а за тоа Арсовски го бива, покажува дека таа е главна пречка за Македонија, на патот кон Унијата. Не Уставот! Во неа е (в)клучен нелегалниот втор протокол со Бугарија! Така, практично, Македонија за членството ќе мора да преговара со Софија, а не со Брисел. Сè ќе зависи од резултатите на историската комисија. Што значи тоа – кристално е јасно.
Арсовски тврди дека – „отворањето на ваквиот тешко договорен компромис … може да ја стави земјава во политички вакуум, без јасен пат и рок за враќање во процесот“. Прво, за каков „компромис“ зборува тој? Што доби Македонија со т.н. „француски предлог“, освен тежок историски пораз, којшто е резултат на невидено предавство? Вториот протокол е симбол на предлогот и е наша комплетна капитулација, а не „компромис“. Точно е дека ЕУ нема никаков интерес ова прашање повторно да се отвора ама, затоа, сега ние мораме да ги натераме да ја сменат рамката. Постапката е проста – со повлекување од вториот протокол, којшто е целосно нелегален. ЕУ не може тоа да го игнорира. А, со тоа, во вода паѓаат и ултиматумот за промена на Уставот, и самата рамка.
Тука имаме уште еден кралски аргумент, што ќе биде наскоро детално елабориран: преговарачката рамка е – нелегална! Неа, Брисел ја утврди на 30/6/2022 година, на последниот ден од претседателството на Франција. Суштината на нашите преговори, според рамката, произлегува од вториот протокол со Бугарија, којшто е потпишан на 17/7/2022 година! После 17 дена! Ова е тежок политички криминал, агресија на ЕУ врз Македонија, и доказ дека рамката е – нелегална! Не може таа да се повикува на нешто што не постои! Тоа е срамен ултиматум на Брисел врз Македонија! Ја присилува да потпише исто така нелегален – протокол! На 6/7/2022, „Вечер“ го објави текстот на рамката.
Претходната политичка гарнитура, цело време играше по бугарски ноти и на понижувачки начин голтаа кнедли. Софија – триумфираше, и нема никаква шанса ниту да размислува за некаков компромис. Доби отстапки за кои не сонуваше. Затоа сме ние сега на ова дереџе, од кое може да излеземе само со радикални потези. Првиот е неизбежното повлекување од вториот протокол којшто е обичен – записник! Друг излез од калта, Македонија – нема. Ние сме на потег!
(Авторот е поранешен амбасадор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


