Осум инспектори со години не извршиле надзор во угостителски објект во Кочани, добија кривична
Осум инспектори од Државниот инспекторат за труд денес добија кривична пријава бидејќи со години не извршиле никаков надзор врз угостителски објект во Кочани, со што овозможиле тој да работи без контрола и да оствари незаконска добивка од околу 20.000 евра.
Препорачано
„Одделението за внатрешни работи Кочани до ОЈО Кочани поднесе кривична пријава против С.Ш.С.(53) од Македонски Брод, С.Ѓ.(59) од Скопје, З.М.(64), С.З.(61), Т.К.(42), Н.Д.(43), Г.П.(41) и М.З.С.(44) сите од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘несовесно работење во службата’ предвидено и казниво по член 353-в став 2 в.в став 1, а в.в. член 45 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението на МВР.
Како што информира полицијата, осомничените, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, воопшто не покренале постапка за контрола на угостителски објект во Кочани во периодот од 2022 година до 16 март 2025 година.
Според истрагата, службените лица не презеле мерки за проверка на законитоста на работењето на објектот, иако во периодот од 13 години бил единствен објект од таков вид во општината, ниту спречиле негово натамошно функционирање.
„Исто така, не спречиле незаконско работење на објектот и во континуитет ги изложувале ангажираните лица (вработените) на опасност од непроверен и неконтролиран објект од аспект на основните права од работен однос и исполнетост на потребните мерки за безбедност и здравје при работа, со што овозможиле објектот незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност со активно работење остварувајќи противправна имотна корист во вкупен износ од 1.255.977,00 денари“, се додава во соопштението.


