Инспекторка за животна средина утврдила дека „Пулс“ работи под друго име, ама не направила пак контрола
Инспекторка за животна средина во Општина Кочани во 2022 година утврдила дека дискотеката „Пулс“ работи под друго правно лице, но не извршила повторен надзор во објектот бидејќи станувало збор за правен субјект што нема влијание врз животната средина, сведочеше таа на денешното судење за пожарот во дискотеката на 16 март, во кој загинаа 63 луѓе.
Препорачано
Нејзиниот годишен план за инспекциски надзор за 2022 година го опфаќал кафе-барот „Класик“, кога дознала дека постои и подружница кабаре „Пулс“. При извршениот редовен надзор таа констатирала дека првичниот правен субјект веќе не постои.
– Правниот субјект „Класик ДМ“ ДОО, на кој е одобрен елаборатот за животна средина не работеше, беше нефункционален, односно затворен – рече инспекторката.
Сепак таа не се вратила повторно да изврши надзор бидејќи тоа биле субјекти што немале влијание врз животната средина.
Како што објаснуваше, врз основа на дејноста и влијанието врз животната средина во годишните планови за работа се определуваат правните субјектите врз кои ќе се изврши надзор, кои потоа се носат на потпис кај градоначалникот.
За да изврши вонредни надзори или контрола по лично забележани неправилности при рутински обиколки, инспекторката нагласи дека е потребен налог кој го издава градоначалникот или секретарот на Општината.
– Обично се оди со усно кажување, бидејќи не се констатирани големи прекршувања. Не сум имала големи прекршувања досега – рече инспекторката.
Таа посочи дека кафулињата поднесуваат барање за елаборат до Општината главно поради влијанието на бучавата, но, потврди дека досега не добила наложувања за проверка на кабаре-клубови.
Претходно денеска сведочеа преживеани во трагедијата во Кочани, кои рекоа дека пожарот во „Пулс“ настанал од пиротехниката на концертот на ДНК, се раширил за 30 секунди и предизвикал општ хаос и стампедо кон единствениот излез.
-Околу два и пол почна пожарот и им реков на другарите да излезат, тие не беа свесни сè уште, ја фатив девојка ми и ја истуркав заедно со другарка ѝ. На масата остана таа, не сакаше да излезе, и јас и нејзиниот дечко ја фативме за раката, зад нас имаше девојчиња на маса, не беа сè уште свесни дека гори. Се истуркавме до излезот, каде што се заглавивме малку, и ако подзадоцневме 12-ина секунди, немаше да излеземе. Надвор беше хаос и имаше многу луѓе – изјави сведокот Мартин Димитров.
Во обидите за гаснење на пожарот го забележал само сега починатиот фотограф Александар Ѓорѓиев, кој се обидувал да го изгасне огнот фрлајќи чаша со вода нагоре. Не забележал ниту противпожарни апарати, ниту хидранти, освен стрелки за излез над единствената врата. Димитров посведочи дека во спасувањето на присутните помагале повеќе лица, меѓу кои и дел од обвинетите.
Присуство на малолетници во објектот потврди сведокот Анастасија Илиева, која истакна дека на влезот не им биле побарани лични карти. Посочи дека критичната вечер била во дискотеката со четири другарки, од кои две малолетни.
Илиева појасни дека околу два часот почнал настапот на групата ДНК, а половина час подоцна се вклучиле пиротехничките средства.
– Околу два и пол се вклучија пиротехничките средства, јас бев на друга маса со други другари и пејачот рече дека се запалило, мислевме дека е нешто мало, ние не забележавме, мислевме дека ќе се спречи. Тргнавме да излегуваме надвор, меѓутоа настана стампедо – рече Илиева.
Таа изгубила свест помеѓу вратата и тоалетот и била спасена преку дупка направена во ѕидот. Опишувајќи го моментот пред да изгуби свест, рече дека забележала густ чад и чуден мирис. Чекала неколку секунди откога пејачот на ДНК на микрофон рекол дека има пожар, претпоставувајќи дека некој ќе ја отвори задната врата бидејќи, најверојатно, била заклучена.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година и во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се наоѓа во фаза на доказна постапка. Процесот го води судијката Дијана Груевска-Илиевски, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.


