Судење за „Пулс“: Општината барала да не се издава лиценца за клубот, бил во зона за лесна и незагадувачка индустрија
Судењето за трагичниот случајот „Пулс“ денеска продолжи, а раководителот на Одделението за уредување на градежно земјиште, Драги Илиевски, во улога на сведок, рече дека Општина Кочани навремено го поништила известувањето за користење паркинг-простор и побарала од Државниот пазарен инспекторат да не ѝ издава лиценца за работа на импровизираната дискотека, бидејќи објектот се наоѓал во зона за лесна и незагадувачка индустрија.
Препорачано
Илиевски во судницата во „Идризово“ објасни дека импровизираниот објект се наоѓал во таканаречена „зона Г2“, а притоа дополни дека зоните не може да се менуваат.
Според сведокот, на 3 октомври 2012 година, Општина Кочани прво дала позитивно известување на барањето на Дејан Јованов од ДООЕЛ „Класик ДМ“ за користење на јавните паркиралишта во таа зона, но подоцна тоа било повлечено откога дознале за вистинската намена на објектот.
Како што рече Илиевски, Општина Кочани се обратила и до државните институции за да спречи отворање ноќен клуб во индустриската зона. Тогашниот градоначалник Ратко Димитровски побарал информација од Министерството за економија дали за компанијата е издадена лиценца, но бидејќи не добиле одговор, било испратено директно барање до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
„Јас пишав до директорот на ДПИ барање за неиздавање лиценца за дискотека. Причините кои беа, ние го поништивме решението за паркинг-место, овие паркинг-места се наменети за лесна индустрија, таму немаме А1 или А2 или други зони“, кажа Илиевски, кој е на функцијата во Одделението за уредување на градежно земјиште од 2012 година.
Прашан од каде Општината имала сознанија за намерите на инвеститорот, сведокот одговори „тоа се зборуваше во градот, не стриктно од еден човек или слично, туку се зборуваше во град, па се прашавме како може да се отвора дискотека на тој локалитет, кој е наменет за лесна индустрија“.
Во однос на прашањето дали Општината извршила инспекциски надзор или презела други дејства откако дискотеката почнала со работа, Илиевски нагласи дека неговиот сектор нема такви надлежности, а воедно не знае дали некој друг презел.
Инаку, пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата „ДНК“ и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
ВИДЕО | „Слободен печат“ во Кочани, градот на тагата и гневот – година помина, болката никако
На минатото рочиште беше сослушан сведокот Живко Ставревски, помошник-генерален инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кој изјави дека до 2020 година не биле предвидувани редовни инспекциски надзори во општини во кои нема инспектори, а Кочани немало покриеност со инспектор за проверки и превенција. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.


