Вработена во Министерството за здравство не контролирала производство на канабис, фирма си произвела 56 килограми вишок
Поранешна претседателка на Комисијата за одгледување медицински канабис доби кривична пријава за несовесно работење бидејќи две години не вршела контрола во фирма во Свети Николе.
Препорачано
Од надворешната канцеларија за криминалистички работи (НККР) Свети Николе наведуваат дека 39-годишната осомничена, со иницијали Д.П., била должна да организира контроли на одгледувањето канабис во фирмата најмалку двапати во периодот од садење до берба.
„Пријавената Д.П. во периодот од 18.11.2022 до 21.08.2024, во својство на одговорно лице-претседател на Комисијата за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели при Министерството за здравство, несовесно постапувала при вршењето на своите службени овластувања и должности, на начин што иако согласно член 29-б став 5 точка 3 и член 29-в став 5 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции била должна да организира вршење контрола над одгледувањето на канабисот најмалку два пати во периодот од сеење/садење до берба, не организирала и не извршила контрола кај правно лице во Свети Николе за производство на медицински канабис“, соопшти МВР.
Од МВР наведуваат дека Д.П., по потекло од Скопје, не ги спровела задолжителните контроли и покрај известувањата доставени од компанијата во текот на 2022 и на 2023 година.
Со тоа, додаваат од МВР, пријавената овозможила фирмата да произведе вишок од 56 килограми канабис.
Досега девет компании останаа без лиценците за производство на медицински канабис


