Уапсен Косовец на граница / Фото: Царинска управа

Кривична пријава за Косовецот кој насилно ја премина границата и повреди полицаец

Косовски државјанин е кривично гонет откако на граничниот премин „Блаце“ се обидел да избега од царинска контрола, пробивајќи ја граничната линија со автомобил во кој, според истрагата, криумчарел наркотична дрога. Од Царинската управа информираат дека против него е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, како и за спречување службено лице во вршење службено дејствие.

Инцидентот се случил на 15 јули во вечерните часови, кога двајца царински службеници го запреле возилото за детална контрола, објави 4news.mk Осомничениот бил повикан да го отвори багажникот, а кога еден од службениците забележал сомнителна кеса под совозачкото седиште и се обидел да ја провери, возачот ненадејно влегол во автомобилот и со сила го напуштил граничниот премин.

При обидот за бегство, царински службеник бил повлечен од возилото и се здобил со лесни телесни повреди. Веднаш била известена граничната полиција, која заедно со царинските службеници започнала потера. По околу десет минути, патот на осомничениот бил блокиран и тој бил лишен од слобода.

Случајот го презело Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги на Царинската управа, кое по спроведените истражни дејствија поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје.

За време на бегството, осомничениот ја исфрлил кесата со дрога, која подоцна била пронајдена во близина на местото каде што бил приведен, објави 4news.mk По наредба на јавен обвинител, дрогата била вештачена, при што било утврдено дека станува збор за околу еден килограм марихуана. При претресот кај него било пронајдено и ладно оружје.

Од Царинската управа посочуваат дека интервенцијата на двајцата царински службеници е пример за професионалност и посветеност во заштитата на државната граница и спречувањето на криумчарење недозволени материи.

Косовец приведен по бегство од царинска контрола на „Блаце“, повредил цариник

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот