Кина се огласи по острите обвинувања на Трамп за мешање во изборите: „Чисти измислици“
Кина ги отфрли како „чисти измислици“ вчерашните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп, дека Кина се мешала во претседателските избори во САД во 2020 година, пишува „Вашингтон пост“.
Препорачано
Трамп го обвини Пекинг дека нелегално добил 220 милиони записи од гласачи во САД, вклучувајќи имиња, адреси и други информации користени за регистрација за гласање, како и дека се обидел да ги лажира гласачките ливчиња во корист на Џо Бајден.
„Обвинувањата од американската страна не се ништо повеќе од чисти измислици и злонамерни клевети за кои одамна е докажано дека се неосновани“, одговори Лин Џиан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи на денешната прес-конференција.
Кина не е заинтересирана за изборите во САД и никогаш не се мешала во нив, додаде тој.
„Напротив, меѓународната заедница јасно гледа кој обично се меша во внатрешните работи на другите земји. Апелираме до американската страна да размисли за сопствените постапки, да престане да изнесува неосновани клевети против Кина, да се воздржи од користење на Кина како политичко прашање на своите избори и да направи повеќе за унапредување на односите меѓу Кина и САД“, заклучи портпаролот.
Доналд Трамп редовно тврди дека Џо Бајден ги „украл“ изборите во 2020 година, обвинувања кои никогаш не се докажани.
Покренати се повеќе од 60 тужби и не е откриена никаква измама што можела да го промени исходот од изборите. Дури и во рамките на администрацијата на Трамп, официјалните лица постојано ги негираат обвинувањата.
Трамп ја обвини Кина за мешање во изборите кои ги изгуби во 2020 година


