Ново сведочење за кочанската трагедија – Обезбедувањето треба да реагира ако има малолетници во објектот
Обезбедувањето има право да врши преглед и да реагира доколку се внесуваат опасни средства, но сепак тоа зависи од договорот и морало да реагира или да го извести сопственикот за присуство на малолетници, сведочеше Верица Милевска-Стефановска, претседател на Комората за приватно обезбедување на судското рочиште за кочанската трагедија. Таа повеќе зборуваше за општите законски процедури за добивање лиценца, обврските при склучување договори за обезбедување, како и овластувањата на работниците при контрола на влез и присуство на малолетници во објекти, а не за конкретниот случај за „Пулс“ каде точно пред една година загинаа 63-ца млади луѓе.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Со оглед на фактот дека конкретно во такви објекти мора да има и други закони, на видно место поставени табли кои предупредуваат дека не е дозволено присуство на малолетници, обезбедувањето морало да реагира или во најмала рака да го извести сопственикот на објектот – рече Милевска-Стефановска.
На прашањето дали употребата на пиротехника претставува безбедносен ризик, сведокот одговори потврдно, по што Судот не дозволи дополнително прашање за тоа дали лицата што ја користат треба да имаат посебна едукација. Според досегашните наводи во јавноста, токму искрите од пиротехничките средства биле причина за брзото ширење на огнот во дискотеката.
Таа објасни дека Министерството за внатрешни работи (МВР) издава дозвола за вршење дејност врз основа на строго утврдени законски критериуми. Физичкото обезбедување, појасни, опфаќа телесна заштита, мониторинг, патролно обезбедување, како и обезбедување јавни собири и спортски настани.
– За да може компаниите да работат во секторот приватно обезбедување, МВР врз основа на одредени законски критериуми ќе даде дозвола за вршење дејност во вид на давање услуги за физичко и техничко обезбедување или за сопствени потреби и откога правното лице ќе ја добие дозволата, има законски рок од шест месеци да почне да работи во дејноста, а кога ќе ги стави лицата во работен однос, мора во рок од 30 дена да поднесе легитимации за обезбедување. Лиценцата на работникот за обезбедување е еден од условите за да може да работи, тоа значи дека е едуциран, но јавните овластувања работникот ќе ги врши со легитимација – истакна сведокот.
Милевска-Стефановска додаде дека за давање услуга за физичко обезбедување законскиот минимум е 15 работници со легитимации, за техничко обезбедување се потребни три, додека за обезбедување за сопствени потреби минимумот е десет работници. Дејноста, како што нагласи, е од јавен интерес според законските одредби.
Осврнувајќи се на правниот основ за ангажман, Милевска-Стефановска посочи дека секое правно лице задолжително го склучува договорот со корисникот на услугата исклучиво во писмена форма. – Има една одредба во Законот каде што се вели ако договорот не е во писмена форма се смета за ништовен – нагласи Милевска-Стефановска.
Сведокот појасни дека само во случај кога се ангажирани пет или повеќе работници, правното лице што ја дава услугата мора да изработи план за обезбедување и да го поднесе до полициската станица на чие подрачје се одржува настанот. Милевска-Стефановска истакна дека во Законот не постојат точно пропишани правила за бројот на работници што треба да се ангажираат, туку тоа е предмет на договорна услуга во зависност од видот на објектот и безбедносната процена.


