Судење за Кочани 2 ден/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Сведок за „Пулс“, кој работел со Нацев, го смени исказот на судењето

Денешното сослушување на сведоците за трагедијата во Кочани беше прекинато, откако Обвинителството реагираше дека сведокот го сменил исказот и на рочиштето дал сосема поинаков исказ во споредба со тој што го дал во Обвинителството.

Трајче Димишковски, вработен од 2008 година во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како возач – доставувач, рече дека од 2023 година до август 2025 година работел и во агенцијата за обезбедување „Рубикон”, како одговорен за обезбедувањето во училиштата. Сведокот рече дека лиценца за обезбедување поседува од 2004 година.

-Најчесто работев во основните училишта, каде менував втора смена и патрола. Најчесто во тој период контактирав со Јане Јанчевски кој кажуваше каде да се оди. Моравме да имаме и легитимација – изјави сведокот.

На прашање од Обвинителството дали во април 2025, по несреќата, добил ново задолжение, сведокот рече дека добил полномошно тој да потпишува за исплата на плати.

– Полномошно добив од Јане Јанчевски, преку нотар, појасни сведокот.

На прашање дали имал контакт со Александар Нацев, сведокот рече „имавме контакти, зошто мене ми требаше помош и совет за како да ги пуштам платите”.

– Се знаеме долго време. Тој како професор повеќе ги знае законите од мене и затоа од него барав само помош – изјави сведокот.

Прашан зошто тој бил ангажиран, кога морал да бара помош, сведокот рече дека тоа било во момент кога се доцнело со плати и морале да се пуштат.

– Јас бев најслободен, зошто бев задолжен за патрола на училиштата и можев да одам до банка- изјави сведокот.

Обвинителството тука реагираше дека сведокот дава сосема друг исказ од тој во Обвинителството, на што одбраната реагираше дека не им бил доставен исказот од овој сведок.

Одбраната на Александар Нацев, Јане Јанчевски и агенцијата „Рубикон“ предложи распитот на овој сведок да се прекине, за да се запознаат со неговиот исказ во Обвинителството, по што Судот донесе одлука за прекинување на ова сослушувањето на овој сведок и тој да биде повикан на следното рочиште.

Вработена пак во сметководствено биро, кое соработувало со Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ сведочеше дека никогаш не сретнала некаков материјален документ дека помеѓу „Пулс“ и „Рубикон“ постоела деловна соработка.

Претходно сведочеше вработена во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување во Кочани која кажа дека таму не е примена документација во врска со дискотеката „Пулс“. Таа потврди дека во Кочани со години немало инспектор за заштита и спасување.

Не можам да доаѓам на судења, болен сум, ќе ме „лишат“ во Кочани, однесете ме и во притвор, бара обвинет во „Пулс“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот