Продавал нелегални прскалки, а на „ДНК“ им продал осум за да „му учини“ на Панчо, сведочеше сопственик на продавница во Кисела Вода
Прскалки од Бугарија кои ги набавил нелегално повеќе од една година пред трагедијата, им продал на членови на „ДНК“, за да му „учини“ на Панчо, кој, пак, претходно имал купено од кај него куферче за далечинска активација, сведочеше денеска Горан Игновски, кој повеќе од 34 години работи со продажба и сервис на опрема за изнајмување за настани – озвучување, осветлување и сценски ефекти, на во судницата во Идризово.
Препорачано
-Пред три години куферче купи Панчо, а после неколку дена се јави дечко што пелтечеше, што потоа дознав дека се вика Буцо. Дојде, ги зеде и тоа беше. Тоа беше одамна и после не се јавија да купат – изјави сведокот.
Сведокот, кој е сопственик на фирмата „Чкаља“ ДООЕЛ во Кисела Вода, а сега веќе и на бренд „Е-аудио“, одговарајќи на прашања од обвинителот, рече дека го познава Панчо, кој пред околу три години има купено куферче за далечинска активација, а на член на „ДНК“, кој подоцна дознал дека се вика Буцо, му продал осум патрони за „топли фонтани“.
Но, тврдеше дека прскалките кои го запалија кабарето „Пулс“ не биле тие што ѝ ги продал на „ДНК“ бидејќи имале различен домет и дека по продавањето на осумте прскалки, тие имале сценски настапи на кои употребиле од 100 до 200 прскалки.
Година и половина пред критичниот настан, Игновски лично од Бугарија со автомобил донел околу 100 топли прскалки „Тропик“, кои, како што рече, повеќе биле за демонстрација на клиентите за куферчињата, како и дека осум такви ѝ продал на „ДНК“.
Прашан зошто смета дека прскалките што им ги продал тогаш на „ДНК“ не се тие што се употребени и во дискотеката „Пулс“, со оглед дека се пронајдени остатоци од прскалки од истата фирма, сведокот рече дека „ДНК“ од тогаш до трагичниот настан на секој настап користеле прскалки, што значи дека од тогаш употребиле повеќе од 100-200 прскалки.
-Јас доставив слики од видеа и фотографии од настани на „ДНК“. Во изминатите година и половина имаат потрошено 100-200 прскалки за настаните. Значи на секој настан користеле прскалки. Плус, јас немам ниту продадено на некој, ниту ме контактирал некој -појасни сведокот, нагласувајќи дека тие што тој ги донел се прскалки од два метри за внатрешна употреба.
Пред трагедијата во Кочани, на настап во Гевгелија, во дискотека „Де факто“ „ДНК“, како што рече сведокот, имаат запалено платно и звучници, со истите прскалки и истото шоу. Игновски, во својот исказ нагласи дека продаваат бикови, лед фарови, машини за конфети, дим машини, ладни фонтани, прскалки на прашок… се што се користи за свадби и настани.
-Тоа е се што сум имал и продал. Тоа е неисплатливо, а не можам и да се борам со конкуренција што може да се купи на Бит-пазар или онлајн и да ви стигне на адреса – изјави сведокот.
Ова, рече тој, било најмалку една година и половина пред трагичниот настан.
-Јас еднаш ги донесов со кола и ги продадов по 500 денари една, пред три години. Материјална трага нема. Повеќе сум ги земал за демонстрација на куферчињата, но не сме ги продавале – изјави сведокот.
Прашан дали имал некаква соработка со дискотеката „Пулс“, сведокот рече дека немал, „ниту знае каде е и ниту бил таму“.
Прашан за прскалките што биле користени во „Пулс“, Игновски рече дека врз основа на тоа што го видел од видеата, дометот на прскалките што се користеле вечерта бил повеќе од три метри.
-Да користеле од два метри или метар и половина немало да има проблем. Такви има само на Бит-пазар. Тоа што јас сум донел се прскалки од два метри за внатрешна употреба – нагласи сведокот, појаснувајќи дека на самите прскалки пишува кој е дометот и дали е за внатрешна или надворешна употреба.
Адвокатката Софија Лаличиќ, која брани еден од обвинетите, од Министерството за економија побара во забелешка да биде ставено „кој треба повеќе да е на обвинителна клупа, обвинетите од министерството што издале лиценци во 2011 година, или овој сведок што криумчарел пиротехника, на црно ја држел во неговата продавница, ја продавал и ставил на располагање општо опасно средство од кое загинале сите овие луѓе?“.
Обвинителот Дарко Јакимовски побара да не се дозволат овие забелешки и посочи дека, како што рече „луѓето не загинаа од активација на пожар, туку од што немале каде да избегаат“.
На прашање од бранителот на обвинетиот од Пазарен инспекторат – дали со нелегална пиротехника „ДНК“ го запали „Пулс“, тој одговори со „да“. Судот постави прашање дали лицето кое доаѓало да купува пиротехника во времето додека продавал, било потребно да поседува некоја лиценца или дозвола за користење.
– Прво, ние не сме ги продавале легално за да побараме дозвола. Јас сум му учинил на Панчо, осум прскалки, и тоа е тоа – рече сведокот.


