Поранешниот градоначалник на Кочани бара да му го укинат куќниот притвор
Поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој ја водеше општината кога се случи трагедијата во кабарето „Пулс“ и е меѓу обвинетите функционери за трагедијата, доставил барање до Судот да му се замени куќниот притвор со мерки за претпазливост, но по предлогот треба прво да се произнесе Јавното обвинителство.
Препорачано
Судот го повика Обвинителството да се произнесе по барањето, но јавниот обвинител побара по предлогот да се произнесе на следната главна расправа, бидејќи во овој момент, како што рече, „ги немаме сите информации“.
Денешното рочиште за трагедијата во која загинаа 63 млади луѓе, во судницата во „Идризово“ продолжи со сослушување на сведоци предложени од Јавното обвинителство. Беа повикани пет сведоци предложени од Јавното обвинителство, а обезбедени се четворица.
Процесот се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднини на жртвите и јавноста. Постапка се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката во Кочани избувна за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци на предлог на Обвинителството.


