Од протестите во Тирана, фото: принстскрин / X / Isa Myzyraj

Нападнати новинари на протестите во Тирана — се бара медиумите да работат без притисоци и заплашувања

Инциденти се случија за време на вчерашните протести во Тирана, каде беа тепани, туркани и навредувани неколку новинари од различни медиуми, што според регионалната мрежа „SafeJournalists“ е недозволиво, а воедно велат дека се поткопува слободата на медиумите и правото на јавноста да добива информации.

„Јавните собири претставуваат прашање од јасен јавен интерес. Новинарите мора да имаат можност слободно и безбедно да известуваат за барањата на граѓаните, реакциите на институциите, постапувањето на полицијата и случувањата на терен. Остварувањето на правото на мирно собирање мора да оди рака под рака со почитувањето на слободата на изразување, слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана“, нагласуваат од „SafeJournalists“.

Според јавно објавените информации и видео-материјалите, новинарот на телевизијата СИРИ (SYRI TV), Фатјон Ѓинај, наводно бил удрен за време на полициска интервенција додека го следел протестот во близина на албанскиот Парламент.

„Наводите поврзани со постапувањето на полицијата бараат итна и сериозна проверка, бидејќи државната полиција има директна обврска да ги заштити новинарите, да им овозможи непречено извршување на нивната работа и да обезбеди секоја интервенција за време на јавни собири да биде во согласност со принципите на законитост, неопходност и пропорционалност“, нагласува платформата.

Според платформата, во посебен инцидент подоцна истиот ден, новинарката на „Топ њуз“, Клеида Мука, и снимателот кој бил со неа, биле сериозно попречувани и нападнати од страна на неколку лица додека известувале во живо од протестот во близина на Кабинетот на премиерот. Според објавените информации и видеоматеријалите, медиумската екипа била изложена на навреди, туркање и повици да го напушти местото од кое известувала, додека ги извршувала своите професионални задачи.

Овие случаи, велат од „SafeJournalists“, се случуваат во време на поширока загриженост во Албанија за безбедноста на медиумските работници кои известуваат за тековните граѓански протести. Протестите започнаа кон крајот на мај 2026 година како израз на јавно противење за активностите во заштитеното крајбрежно подрачје Вјоса–Нарта/Зврнец, а подоцна прераснаа во пошироки анти-владини барања, вклучително и повици за оставка на премиерот.

„Пријавените проблеми вклучуваат попречување на известувањето, вербална агресија, попречување на работата со камери и микрофони, како и притисоци врз препознатливи новинари, сниматели, фоторепортери и технички персонал на терен. Критиката кон работата на медиумите е легитимна во едно демократско општество, но таа не смее да се претвори во непријателство, попречување или притисок врз медиумските работници кои ги извршуваат своите професионални должности“, забележува платформата.

Мрежата „SafeJournalists“ потсетува дека новинарите и медиумските работници не се страна во протестите. Нивната улога, велат отттаму, е да известуваат за прашања од јавен интерес и да ги документираат случувањата во јавниот простор.

Затоа посочуваат дека секој напад, заплашување, попречување или притисок врз новинарите ја поткопува слободата на медиумите и го ограничува правото на јавноста да добива информации.

„Ги повикуваме надлежните институции без одлагање да ги проверат сите пријавени инциденти што ги засегаат новинарите, со особено внимание на наводите поврзани со постапувањето на полицијата, и да обезбедат одговорност доколку се потврдат прекршувања. Мрежата, исто така, ги повикува сите присутни на јавните собири да ја почитуваат работата на новинарите и да се воздржат од каква било форма на попречување, заплашување или напад врз медиумските екипи. На новинарите мора да им биде овозможено безбедно да ги покриваат протестите, без оглед на медиумот што го претставуваат или начинот на кој тој медиум е перципиран од дел од јавноста“, стои во реакцијата на мрежата која сочинува здруженија и синдикати од Приштина, Скопје, Сараево, Загреб, Белград, Подгорица и Тирана.

ВИДЕО | Јајца и брашно врз пратениците, солзавец врз демонстрантите — хаос пред албанскиот парламент

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот