Сцена од претставата „Кокошка“ на Театар „Вортекс“

Претставата „Кокошка“ на Театар „Вортекс“ е селектирана на театарски фестивал во чест на Николај Кољада

Независната театарска претстава „Кокошка“ на Театар „Вортекс“, работена според текст на Николај Кољада, е селектирана за учество на меѓународниот фестивал на современа драма „Кољада плејс“ („Kolyada-Plays“, 2026), што се одржува во Екатеринбург.

Годинава на фестивалот пристигнале 94 апликации, од кои во официјалната долга листа (long-list) се избрани 28 продукции, меѓу кои и „Кокошка“ – единствената претстава од Македонија.

Фестивалот „Кољада плејс“ е основан од самиот Николај Кољада во 1994 година и претставува една од препознатливите платформи за современа драматургија во регионот, со фокус на нови текстови, авторски пристапи и театарски експеримент.

Програмата традиционално ја селектираше самиот Николај Кољада, врз основа на гледање на претставите и консултации со театарски критичари, но оваа година фестивалот за првпат се одржува без него, по неговата смрт на 2 март.

Во неговата програма често се вклучуваат и различни интерпретации на неговите текстови, но и дела од новата генерација драматурзи што произлегуваат од т.н. „Кољада школа“, правејќи го фестивалот важна точка за современи театарски текови.

Сцена од претставата „Кокошка“ на Театар „Вортекс“

Претставата „Кокошка“ на Театар „Вортекс“ се занимава со потребата за слобода, копнежот и страста да се сака и да се сонува, дури и кога светот станува студен и апатичен. Преку анализа на извитоперените вредности, моралната пакост, лековерноста и суетата, се гради светот на ликовите кои, налик на отворен креативен процес, создаваат пред очите на публиката.

Претставата користи импровизација, апсурд и игра како начин на справување со внатрешниот хаос, при што актерите функционираат како своевидни „џезери“ на сцена. Во нејзиното јадро е младоста – немирна, искрена и гладна за промена, која се судира со навиките, рамнодушноста и стравот.

Претставата е во режија на Теодора Силјаноска, која го потпишува и изборот на сценографија и музика, со костимографија на Марија Пупучевска и сценски движења во соработка со Дарко Велиќ. Дизајнот на плакатот е на Михаил Велески, а фотографиите се на Луција Спасовска. Во претставата играат актерите Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева.

Независниот театарски проект е реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам, како и од Прилепска пиварница, „Bonanca Urban“ и „Кораб Трница“. Следната изведба на претставата „Кокошка“ на Театар „Вортекс“ ќе се одржи на 17 мај во Театар „Комедија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот