Театарот „Златен Елец“ за првпат постави текст од Пјер Паоло Пазолини на македонската театарска сцена
Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје на 2 јули, во 20 часот, на сцената во салата „Фросина“ во Младинскиот културен центар премиерно ќе ја изведе претставата „Теорема, леме“ поставена според романот и филмот „Теорема“ на Пјер Паоло Пазолини во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ од Црна Гора.
Препорачано
Идејата за поставување на претставата се појавила пред две години, додека активната подготовка на претставата „Теорема, леме“ траела два месеца. Во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ во процесот се вклучени драматургот Ева Камчевска и костимографот Лина Лековиќ од Црна Гора, додека преводот на текстот е на Наташа Сарџоска.
Во претставата играат актерите Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски. Координатор на проектот е Бобан Алексоски од „Златен Елец“.
„Претставата не треба да се гледа низ призма на реализам, туку на парабола. Но асоцијациите што ќе ги предизвикаат сцените што ги гледате пред вас и она што во вас ќе го поттикнат (надежно), е без сомнение и во најмала рака – реално“, истакнува драматургот Ева Камчевска.

Детали за претставата беа посочени на прес-конференција што се одржа на 1 јули во Младинскиот културен центар во Скопје. Координаторот и продуцент на проектот Бобан Алексоски истакна дека текст од Пазолини првпат се поставува на театарската сцена во Македонија, а исто така, и режисерот Мирко Радоњиќ првпат работи со театар во Македонија.
– Во текот на подготовките на претставата се соочивме со многу предизвици и промени во процесот, што ги почувствував како продуцент и координатор на проектот, но како актер и како организатор сум презадоволен што ги надминавме тие работи и што сум дел од процес за кој сум му благодарен на режисерот Мирко Радоњиќ, кого вистински го запознав преку работата на оваа претстава – рече Бобан Алексоски.
Конкретните подготовки на претставата траеле околу два месеца, а целата екипа заеднички влегувала во сите предизвици што се појавувале во текот на процесот.
– Претставата ја завршивме и дури сега почнува нејзиниот вистински живот на сцената. Не сакам однапред да најавувам за што зборува претставата и какви пораки пренесува, бидејќи тоа го оставам на публиката. Го дадов предлогот да го поставиме романот „Теорема“ од Пазолини бидејќи ми е драг и затоа што мислам дека зборува за релевантни работи за моментот во кој сега живееме. Кога зборувам за релевантноста, не мислам во буквална смисла на актуелности, туку претставата поставува суштински прашања како денес да се поставиш како човек и какви се прашањата поврзани со моралот, односот кон духовноста, а во театарот повеќе ме интересираат егзистенцијални и онтолошки прашања отколку социјалниот амбиент со кој се сретнуваме секојдневно преку вестите во медиумите – истакна режисерот Мирко Радоњиќ.
Во однос на насловот „Теорема, леме“ тој додаде дека работеле според „Теорема“ на Пазолини, а „леме“ објаснува дека не станува збор за буквална адаптација на текстот, туку дека има и нивен удел во текстот за претставата. Така, на некој начин, тие водат дијалог со романот на Пазолини.
Како интелектуалец Пазолини имал свои специфики и контрадикторности во повоеното италијанско општество. Во едно интервју изјавил дека сакал „со папочна врска да ги поврзе светото и профаното“, а на фонот на тој дуализам е поставена и претставата.
Актерскиот дел на свои плеќи го носат Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски. За Митрески процесот бил поетичен, убав и силен, а го почувствувал како лабораторија за соголување на човекот. Марија Карилоска истакна дека има средби што засекогаш го менуваат човекот, а таква била средбата со режисерот и актерите при подготовката на оваа претстава. Актерот Бранко Михајлоски е благодарен што бил дел од процесот заради чувството на слобода, како и за храброста и вербата во самите себеси.
Целиот проект е активност поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од страна на „Хартефакт фонд“ од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година, и од Министерството за култура и туризам.
На 3 јули, во 20:30 часот, претставата „Теорема, леме“ ќе биде изведена и во рамки на фестивалот „Скопско лето“ на сцената во Младинскиот културен центар во Скопје.
Претставата не се препорачува за лица под 18 години.


