Насловна страница на првиот број на „Стремеж“ во 2026 година

Излезе нов број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“

Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со поддршка на Министерството за култура и туризам, го објави најновиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ број еден за 2026 година (година 72, број 1/2026). Новиот број донесува разновидна содржина – поезија, проза, книжевна критика, филозофија… од домашни и странски автори.

Во рубриката „Поезија“ објавени се стихови од македонските авторки Оливера Андоноска и Илина Кацхинске, како и избор од поезијата на турската авторка Гонџа Озмен, украинскиот поет Сергиј Жадан, српскиот поет Небојша Васовиќ, руската авторка Марина Цветаева и францускиот поет Алфред де Мисе, во препев на истакнати македонски преведувачи, како Звонко Димоски, Никола Маџиров, Владимир Мартиновски и Елена Карпузовска.

Во рубриката „Проза“ објавени се раскази од Иван Календар (Иван Шопов) – „Ветроград“ и „Утешителот на жонглери“, како и расказот „Како на гумно се врши жито“ од хрватскиот писател Желимир Периш, во превод на Катица Гароска.

Во рубриката „Критики и есеи“ објавен е текстот на Кирил Бисероски „Последниот рационалист – неколку актуализации на филозофијата на Јирген Хабермас“, по повод смртта на еден од највлијателните европски филозофи на современото време. Читателите можат да ги прочитаат и текстовите на Лидија Капушевска-Дракулевска за книгата „Вообразби“ од Бранко Цветкоски, на Борис Симоновски за „Хронотопот на пустиот остров во ‘Силјан Штркот’ и ‘Робинзон Крусо’“, како и освртот на Елизабета Дерменкоска-Цефи за монографската публикација „Еден музеј на една архитектура“, посветена на 111 години од раѓањето на македонскиот уметник Ѓорѓи Ачески – Аче.

ЦК „Марко Цепенков“ со објавувањето на „Стремеж“ потврдува дека со списанието, како едно од најзначајните македонски книжевни и културни гласила, дава простор на современото книжевно творештво од земјава и од странство.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 338, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.7.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот