Прес-конференција на „Фолтин“ во „Аудиокултура“ во Скопје

Групата „Фолтин“ одбележува јубилејни 30 години со мото „Фолтин 30 – три децении музичка слобода и жива врска со публиката“

Три децении по својот прв концерт, „Фолтин“ ја најавија најобемната јубилејна програма во својата историја.

Под насловот „Фолтин 30 – три децении музичка слобода и жива врска со публиката“, во текот на 2026 година ќе бидат реализирани повеќе концертни, издавачки и мултимедијални активности кои го одбележуваат патувањето на еден од најавтентичните музички состави на овие простори.

Централниот настан ќе биде големиот јубилеен концерт во Хераклеја во август 2026 година, по што ќе следуваат концерти во Скопје и повеќе градови во регионот. Со овој концерт, „Фолтин“ ќе ја има честа да го затвори „Битфест 2026“.

На прес-конференција и промоција во Скопје, „Фолтин“ ја претставија и двојната винил плоча „Foltin live“, што го претвора концертниот миг во трајна звучна меморија. Снимен целосно во живо на врвна аналогна опрема во Пловдив и Скопје, а печатен во Виена според највисоките стандарди за винил продукција, „Foltin live“ претставува звучна монографија на концертниот идентитет на „Фолтин“ и обид автентичната енергија на бендот да биде зачувана во форма што ќе остане како траен документ за нивната триесетгодишнина на сцената.

Во годината на прослави „Фолтин“ решија дел од прославата да им ја препушти на другите. Ја препушта на пријателите, на музичарите со кои се сретнале по патот, на оние што во некој момент влегле во нивната музика, а потоа ја понеле со себе.

Албумот „Foltin Re: Composed“ е составен од нови читања на композиции од „Фолтин“, создадени од музичари од Македонија и регионот. Секој од нив избра по една песна и ја прераскажа на свој начин, низ сопствениот музички јазик, сензибилитет и искуство.

Од 29 јуни, секој понеделник на Радио Метрополис во шоуто „Маја за подварок и менопауза“ со Маја Казакова ќе се објавува по една композиција од проектот, а истиот ден композицијата ќе биде достапна и на официјалните музички канали на „Фолтин“.

По завршувањето на оваа серија дигитални објави, „Foltin Re:Composed“ ќе биде објавен и на винил, во соработка со „Пасворд продукција“ (Password Production). Визуелниот идентитет на јубилејните изданија и проекти го потпишува дизајнерот Зоран Кардула.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 338, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.7.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот