Пасоши - Фото: Рexels/ Marta Branco

Листа на најмоќните пасоши во светот — еве на кое место се најде Македонија

Објавено е петтото издание на Глобалниот индекс на пасоши, рангирање што ги оценува државите според квалитетот на живот, слободата на патување и привлечноста за инвестиции. 

Иако повеќето луѓе во текот на животот поседуваат само еден, а понекогаш и два пасоша, нивната вредност значително се разликува во зависност од државата што ги издава. Освен можноста за патување без виза, денес сè поголемо значење имаат и условите за живот и економската стабилност на земјата, пишува „Тајм аут“.

За разлика од добро познатиот Индекс на пасоши на „Хенли“, кој се објавува четирипати годишно и се заснова исклучиво на бројот на држави во кои може да се патува без виза, Глобалниот индекс на пасоши, што се објавува еднаш годишно, ги зема предвид три клучни критериуми.

Глобалниот индекс на пасоши – Фото: globalcitizensolutions.com

Покрај слободата на патување, се оценуваат и привлечноста за инвестиции, преку даночната политика и конкурентноста на економијата, како и квалитетот на живот, што ги опфаќа здравствениот систем и социјалната инфраструктура.

Според овие критериуми, најмоќен пасош во светот има Шведска. Таа е на 11. место според слободата на патување, на деветтото место според привлечноста за инвестиции и на второто место според квалитетот на живот.

Европа, особено нордиските земји и Британските Острови, доминираат на листата, освојувајќи девет од првите десет места, при што разликите во бодовите меѓу државите се минимални.

На второто место е Швајцарија, која истовремено е и втора според привлечноста за инвестиции. Финска го зазеде третото место во вкупниот пласман, четвртото според слободата на патување и првото според квалитетот на живот.

Иако Сингапур е дури на 115. место според квалитетот на живот, благодарение на првото место според слободата на патување и привлечноста за инвестиции, се најде на десеттото место во вкупниот пласман.

Мапа на Глобалниот индекс на пасоши – Фото: globalcitizensolutions.com

Според Глобалниот индекс на пасоши, десетте најмоќни пасоши во светот се:

1. Шведска
2. Швајцарија
3. Финска
4. Германија
5. Холандија
6. Данска
7. Ирска
8. Обединетото Кралство
9. Норвешка
10. Сингапур

САД повеќе не се меѓу првите десет

Иако во 2021 година беа на самиот врв на листата, Соединетите Американски Држави повеќе не се меѓу десетте најдобро рангирани земји.

Американскиот пасош пред пет години го оствари најдобриот резултат во историјата на овој индекс, но потоа забележа најголем петгодишен пад меѓу земјите од Групата седум најразвиени индустриски држави. Во 2025 година се најде на 14. место, а годинава се искачи само две позиции и сега е 12-ти.

Како е рангирана Македонија?

Од земјите во регионот, најдобро е рангирана Романија, која се наоѓа на 34. место, пред Унгарија на 36. место.

Највисоко рангиран пасош меѓу поранешните југословенски држави има Словенија, која се наоѓа на 37. место, а по неа следува Хрватска на 42. место.

Македонија е рангирана на 78. место, зад Србија, која е на 66. место, и Црна Гора на 71. место. Зад Македонија се наоѓа единствено Босна и Херцеговина, која го зазема 83. место на листата.

На листата на најевтини земји во Европа за вечера во ресторан, Македонија е на првото место

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот