Австралиски пајак е прогласен за најбрзиот во светот по рекордно брз спринт
Австралискиот ловечки пајак (хантсмен) од дождовната шума е најбрзиот пајак во светот и може да достигне брзина од речиси 3,6 метри во секунда, според новите лабораториски истражувања.
Препорачано
Долго време се сметаше дека најбрзиот пајак во светот е мароканскиот пајак „флик-флак“, чија максимална брзина е околу 1,7 метри во секунда. Сепак, некои експерти оспоруваа дека неговиот начин на движење може да се смета за вистински спринт, пишува „Индепендент“.
За да ја решат оваа дилема, истражувачите од Универзитетот Грајфсвалд во Германија и Империјал колеџ во Лондон спроведоа лабораториски истражувања на повеќе од 160 живи видови пајаци од Велика Британија, Австралија, Северна Америка и јужна Европа, како и десетици примероци добиени од продавници за домашни миленици.
– Ја измеривме максималната одржлива брзина на трчање кај 236 примероци кои претставуваат 162 видови – велат истражувачите во студија, која сè уште не е подложена на рецензија од страна на колеги.
– За да опфатиме што е можно повеќе видови, ги дополнивме резултатите со претходно објавени податоци за уште 96 видови – додаваат тие.
Трка на хартија
Секој пајак беше индивидуално мерен и тестиран на хартиени подлоги А4 и А3 со нацртани мрежи, додека камерите ги снимаа нивните движења за да можат научниците да ја анализираат биомеханиката на нивното трчање.
Хартиите беа поставени на цврста пластична или метална основа, а ѕидовите на експерименталната област беа обложени со течен парафин за да се спречи бегството на видовите што се качуваа.
Најбрз од сите беше ловџискиот пајак од австралиската држава Квинсленд, кој достигна брзина од 3,59 метри во секунда.
Поголемите пајаци генерално трчаат побрзо
Истражувањето покажа дека брзината на трчање главно се зголемува со телесната маса на пајакот.
– Брзината на трчање значително се зголемува со телесната маса – од минимум 0,018 метри во секунда, мерено кај видот „масо сундевали“, со тежина од само еден милиграм, до максимум 3,59 метри во секунда кај ловџискиот пајак (хетеропода цервина) – изјавија авторите.
Сепак, се забележани големи разлики во брзината помеѓу видовите со слична телесна маса.
Како пример, тие ги наведоа портокаловиот пајак во облик на мрежа (каломата сигната) и цевчестиот пајак (сегестриа флорентина), кои тежат околу 200 милиграми, но брзината на едниот била дури 28 пати поголема од брзината на другиот.
Научниците истакнуваат дека поголемите пајаци генерално трчаат побрзо, сè додека не се толку големи што нивниот тежок стомак ќе ги забави. Сепак, постојат исклучоци.
Еден од нив е малиот портокалов пајак гоблин (оонопс пулкер), тежок само 0,1 милиграм, кој се движи со брзина од повеќе од 0,2 метри во секунда.
Беше толку брз за својата големина што истражувачот од Империјал колеџот, Шрејас Кучиботла, за списанието „Њу саентист“ изјави дека изгледа како пајакот „практично да се телепортира“.
Подолги нозе – поголема брзина
Научниците, исто така, утврдија дека поголемите брзини се поврзани со релативно подолги нозе.
– Високите перформанси во трчањето, кога се земаат предвид големината на телото и еволутивното потекло на видот, се поврзани со релативно подолги нозе, но не и со нивната виткост – наведоа истражувачите.
Брзината е под влијание и на начинот на живот на пајакот – дали лови на земја или во вегетација, како и дали претежно се движи исправено или наопаку.


