Марк Руте- генерален секретар на НАТО / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Руте во обид да го зачува единството на НАТО: Трамп освен средства за одбрана бара и политичка лојалност

Во пресрет на претстојниот самит во Турција, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се обидува да го зачува единството на Алијансата и да ги држи САД цврсто врзани за алијансата, додека американскиот претседател Доналд Трамп, покрај поголемите средства за одбрана, сè поотворено бара политичка лојалност од европските членки.

Руте голем дел од својот мандат го посвети на обидот да одговори на барањата на Трамп кон европските сојузници. На минатогодишниот самит, членките на НАТО се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана, но сега фокусот се префрла на прашањето како тие пари да се претворат во вистински воени капацитети, во време кога европските земји предупредуваат на растечка закана од Русија, пишува Асошиејтед прес.

За време на состанокот во Белата куќа минатиот месец, Руте се обиде да го убеди Трамп презентирајќи податоци според кои европските членки на НАТО и Канада издвоиле вкупно 1,2 трилиони (1.200 милијарди) долари за одбрана од 2017 година.

Сепак, Трамп остана незадоволен, особено затоа што некои од сојузниците не ги поддржаа воените акции на САД против Иран, кои САД ги започнаа заедно со Израел без претходни консултации во рамките на НАТО.

„Не ни требаат нивните пари – не ни треба ништо. Само сакам лојалност“, рече Трамп.

Таквиот став дополнително ги комплицира подготовките за самитот, кој ќе се одржи во Турција под домаќинство на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Трамп дури навести дека можеби немаше да присуствува на состанокот доколку Ердоган не беше домаќин.

Во пресрет на Денот на независноста на Америка, Трамп зборуваше за „комунистите“ — се закани дека ќе ги избрка „новодојденците“ од САД

Дополнителна загриженост меѓу сојузниците предизвикаа пораките од Пентагон за можно намалување на бројот на американски војници, бродови, авиони и беспилотни летала што би биле распоредени во случај на напад врз членка на НАТО. Во исто време, Трамп во последните месеци испраќа спротивставени пораки за тоа дали американското воено присуство во Европа ќе биде намалено или зголемено.

Според студија објавена оваа недела, Русија интензивно ги тестира европските одбранбени способности со испраќање беспилотни летала во близина на воени бази во неколку европски земји.

Затоа претстојниот самит, проценува АП, ќе биде многу повеќе од дискусија за зголемување на воените буџети. Клучно прашање ќе биде дали НАТО сè уште може да ја задржи својата верба во принципот на колективна одбрана во Член 5, според кој нападот врз една членка се смета за напад врз целата алијанса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот