Пелагонија - студентски дом / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Студентите ќе плаќаат поскапо во реновираните домови, ќе има помалку стипендии за социјалните категории

Законските измени во Собранието ги предлагаат група пратенички од ВМРО-ДПМНЕ

Група пратенички од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието предложија измени по скратена постапка на Законот за студентски стандард, кој вчера го поминаа првото читање. Со измените се воведува нова поделба на студентските домови и се менува моделот на државно финансирање за сместување и стипендии, објави Телма.

Со измените, студентските домови се препознаваат како два типа, при што се прави разлика меѓу реконструирани и постојни домови, кадешто во реновираните домови студентите ќе плаќаат повисока, додека во постојните пониска цена за престој. Воедно, се редефинира и системот на стипендии, при што се намалува бројот на стипендии за студенти од социјални категории од 49 на 40 проценти.

Во законски измени се воведува поделба на студентски домови. Сега тие ќе се препознаат од „Тип 1“ како енергетски ефикасен студентски дом: дом кој ги исполнува нормативите и стандардите на кој е извршена реконструкција“ и „Тип 2“ – постоечки студентски дом“. Со ова првпат формално се прави разлика меѓу реконструираните домови и постојните објекти.

Финансирањето отвора најголема дебата. Досега Министерството покриваше до 50 отсто од цената за сместување и исхрана за студентите во државните домови. Со новите измени тоа се менува односно Министерството за студентите кои се сместени во државен студентски дом од Тип 1 партиципира до 40 проценти додека за студентите во дом од Тип 2 до 50 отсто.

Практично, тоа значи дека студентите сместени во реконструираните и енергетски ефикасни домови ќе плаќаат поголеми трошоци. Според ваквите измени, можно е да се создаде „двокласен“ систем на студентско сместување, во кој студентите што можат да си дозволат повисоки трошоци ќе престојуваат во реконструирани домови со подобри услови, додека старите домови ќе останат единствена опција за оние од семејства со пониски приходи.

Студентите од „Никола Карев“ цела вечер останаа во студ и под свеќи, домот за денес најавува решавање на проблемот

Дополнително, законот не предвидува ограничување на цената во реконструираните домови. Наместо тоа, се наведува дека цената ќе се утврдува врз основа на „реалните трошоци“.

Една од најзначајните промени е бришењето на одредбите воведени за време на ковид-кризата. Досегашниот закон предвидуваше студентите кои не добиле место во дом да можат да добијат до 6.000 денари месечно за приватно сместување или превоз, односно ставката за меѓуградски превоз кој досега требаше да се спроведува, а не се спроведуваше, веќе нема да постои. Дополнително, ова се случува и во време кога капацитетите за сместување се намалени бидејќи дел од студентските домови се реновираат.

Студенти од „Пелагонија“ девет месеци чекаат исплата, има сериозни пропусти во управувањето со домот, тврди УСС УКИМ

Законски измени во делот на стипендиите

Измените носат и нов начин на распределба на студентските стипендии. Според предложените измени „40 отсто се за студенти од социјалните категории и студенти со попреченост и ретки болести, 35 проценти се за студенти кои се запишани на студиски програми кои се од стратешки интерес за државата и 25 отсто се за студенти кои постигнале особен успех во учењето“.

Како што анализира Телма, позитивно е што првпат експлицитно се вклучуваат студенти со ретки болести и попреченост. Но, истовремено се намалува уделот на стипендии за социјално ранливите категории. Во постојниот закон тие изнесуваат 49. Дополнително, законот не дефинира што точно значи „стратешки интерес за државата“, што остава простор Владата дополнително да утврдува кои студиски програми ќе бидат фаворизирани.

Во образложението предлагачите наведуваат дека измените на овој закон не предизвикуваат фискални импликации врз Буџетот, па оттука се отвора прашањето дали се намалува државната партиципација и постепено финансискиот товар се пренесува на грбот на студентите.

Левица: Со измените власта удира врз џебот на студентите

Левица реагираше дека законските измени се туркаат по скратена постапка и тие, како што рекоа, директно удираат по џебот на студентите.

Според опозициската партија, огромен удар е насочен кон студентите од социјално загрозените семејства.

„Во финасиите што имаат намера да ги скратат се вклучени и студентите со попреченост и со ретки болести, што значи дека буџетот за социјално ранливите студенти е дополнително узурпиран. ДПМНЕ ги казнува и оние кои деноноќно учат“, реагираа од Левица.

Воедно, Левица тврди дека се врши директна дискриминација на студенти во реконструирани и нереконструирани домови.

Власта штеди врз грбот на студентите, ги крати стипендиите за социјалните категории и за одличните, обвини Левица

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот