Студенскиот дом „Пелагонија“ / фото: Слободен печат / Драган Митрески

Студенти од „Пелагонија“ девет месеци чекаат исплата, има сериозни пропусти во управувањето со домот, тврди УСС УКИМ

Веќе девет месеци студентите сместени во Државниот студентски дом „Пелагонија“ чекаат исплата на финансиските средства по основ на ослободување од партиципација. Од Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) сметаат дека крајно некоректно и потценувачки е студентите да бидат третирани на ваков начин и да се доведуваат во подредена положба.

„И покрај континуираните и конструктивни обиди на УСС УКИМ да воспостави дијалог и да се изнајде решение, до денес не е постигнат конкретен резултат. Отсуството на навремена реакција и транспарентност од страна на раководството на домот отвора сериозни сомнежи за несоодветно и неефикасно менаџирање со домот“, сметаат студентските претставници на УКИМ.

Дополнително загрижува фактот што, според нивните информации, од Министерството за образование и наука, во повеќе наврати се исплатени дотации наменети за оваа цел. И покрај тоа, велат од УСС УКИМ, средствата сè уште не се префрлени кон студентите, што според нив укажува на сериозни пропусти во управувањето и распределбата на финансиските ресурси од директорот и управата на домот.

„Сметаме дека ваквиот однос е неприфатлив, неодговорен и на штета на студентскиот стандард. Недозволиво е студентите да бидат доведени во ваква неизвесност поради институционална неефикасност. Со ова, јавно апелираме до раководството на ДСД ‘Пелагонија’ во рок од 14 дена да ја реализира исплатата на средствата. Во спротивно, УСС при УКИМ ќе преземе дополнителни мерки, вклучително и јавно информирање на надлежните институции, со цел целосно расчистување на овој случај и утврдување одговорност“, стои во реакцијата на УСС УКИМ.

ВИДЕО: Врие од глувци во студентскиот дом „Пелагонија“, можно е таму да бегаат од „генералката“ на Орце

Студентите чекаат одлука за Советот на станари и за процесот за вселување во домовите

Студентските претставници од УКИМ велат дека имале средба со директорот на Државниот студентски дом, Александар Каровски, со кој дискутирале за актуелната состојба во студентските домови, како и за конкретни чекори за нивно системско унапредување.

Посебен акцент бил ставен на решавањето на прашањето за формирање Совет на станари, при што беше договорено, по иницијатива на УСС УКИМ, да се изработи нов правилник кој, како што вели, ќе обезбеди „јасна, транспарентна и функционална постапка за избор на претставници на станарите“.

„Дополнително, беше разгледана потребата од засилена дигитализација на процесите во студентските домови, со цел намалување на гужвите и подобрување на ефикасноста при вселувањето. Во таа насока, УСС УКИМ презентираше пилот-програма за дигитализација, чија имплементација се очекува да започне во текот на оваа година“, соопштија од УСС УКИ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот