Фото: Profimedia

Ремек-делото старо речиси 1.000 години пристигна во Велика Британија — бајеската таписерија првпат ја напушти Франција

Бајеската таписерија, едно од најзначајните средновековни уметнички дела во светот, за првпат по речиси 1.000 години пристигна во Велика Британија, каде што од септември ќе биде изложена во Британскиот музеј во Лондон, пишува Би-би-си.

Вредното дело, долго околу 70 метри, било транспортирано од северна Франција под силно полициско обезбедување. Таписеријата била сместена во специјално изработен сандак со контрола на температурата и влажноста, а дополнителни амортизери ја штителе од вибрации за време на патувањето.

Бајеската таписерија, која всушност е вез на ленено платно, во 58 сцени ги прикажува настаните што довеле до Битката кај Хестингс и норманското освојување на Англија во 1066 година – пресвртница што засекогаш ја променила англиската историја.

„Само што бевме сведоци на нешто навистина извонредно. Бајеската таписерија се врати во Англија за првпат по речиси 1.000 години“, изјави директорот на Британскиот музеј, Ник Калинан.

Позајмувањето на историското дело беше договорено меѓу Франција и Велика Британија минатата година, а ќе трае девет месеци. Сепак, одлуката предизвика поделени реакции во Франција. Дел од историчарите и граѓаните сметаат дека транспортот на толку старо и кревко дело претставува непотребен ризик, а беше покрената и петиција против неговото испраќање во Лондон.

Во замена, Британскиот музеј ќе ѝ позајми на Франција неколку вредни историски артефакти, меѓу кои богатството од Сатон Ху и прочуените шаховски фигури од Луис.

Интересот за изложбата е огромен – Британскиот музеј продаде рекордни 100.000 билети уште првиот ден од почетокот на продажбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот