Мистерија за потонат брод во Велика Британија, полн со златни монети, e решена по 400 години
Речиси три децении откако нуркачите пронајдоа потонат брод со стотици златници покрај југозападниот брег на Англија, археолозите и историчарите успеаја да решат една од најголемите мистерии на подводната археологија во тој регион.
Препорачано
Имено, беше утврдено дека станува збор за трговскиот брод „Дом ван Келен“, кој пловел од Мароко кон Холандија во есента 1633 година, кога бил погоден од силна бура. Потонал покрај брегот на Салкомб, во округот Девон, заедно со својот скапоцен товар, пишува „Дејли стар“.
Со ова заврши повеќедецениско истражување во кое учествуваа нуркачи, експерти од Британскиот музеј, Универзитетот во Борнмут и организацијата „Југозападна поморска археолошка група“.
Клучната улога во идентификацијата ја одигра независниот историчар Јан Фрил, кој пронајде документи за последното патување на холандскиот брод во Националниот архив.
Според зачуваните записи, бродот „Дом ван Келен“ се соочил со „бурно време“ за време на патувањето, по што почнал да протекува вода и потонал. Иако бродот бил изгубен, сите членови на екипажот успеале да се спасат.
⚓️💰 El tesoro perdido del «Dom van Keulen»: el mercante holandés cuyo misterio permaneció oculto durante casi cuatro siglos. #historia
🔗 https://t.co/ZjWaOHaW0f pic.twitter.com/WCGmaVdMeo
— Templo del Pasado (@templodelpasado) July 9, 2026
Професорот Дејвид Пархам од Универзитетот во Борнмут открива дека товарот на бродот бил исклучително вреден и разновиден.
Меѓу стоката што ја превезувал имало 150 вреќи гума арабика, 64 вреќи шалитра, 320 козја кожа, како и 9.000 дукати, или златни марокански монети.
Според процените на истражувачите, поголемиот дел од товарот бил пронајден веднаш по бродоломот, но повеќе од 400 златни монети останале на морското дно, каде што членовите на „Југозападната поморска археолошка група“ ги откриле во 1995 година.
Професорот Пархам истакнува дека идентификацијата на бродот дава важни информации за богатството и архитектурата на Мароко во тоа време, африканската трговија со злато и развиените поморски врски што ги поврзувале Мароко, Холандија и Велика Британија во текот на 17 век.
Пронајдените златни монети сега се наоѓаат во колекцијата на Британскиот музеј, заедно со други предмети пронајдени од потонатиот брод.
Во текот на 16-тиот и 17-тиот век, холандските трговци разменувале произведена стока за високо ценето злато од Западна Африка. Многу увезени дукати подоцна биле стопени и претворени во холандски златни монети, кои со текот на времето станале едно од најприфатените средства за плаќање во меѓународната трговија.
Денес, многу малку се знае за изгледот на бродот „Дом ван Келен“. Досега не е пронајдена слика или цртеж создаден во времето кога пловел.
Археолозите проценуваат дека остатоците од бродот се долги околу 30 метри и се наоѓаат на длабочина од приближно 18 метри. На местото на бродоломот сè уште има топови, сидра и дел од помалиот товар што сè уште не е пронајден.
Меѓу предметите што досега се пронајдени се чинија и лажица, златен накит, тег во форма на риба што се користел за мерење на длабочината на морето, прстен со печат, керамички предмети, како и златна грутка.


