ФОТО | МВР објави чудна слика без да каже дека е направена со ВИ, па ја избриша
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска на официјалната страница на „Фејсбук“ објави информација за спасен планинар на Матка, која ја илустрираше со фотографија направена со вешташка интелигенција (ВИ). Откако во јавноста се појавија коментари и реакции за неприродниот изглед на раката на полицаецот, од МВР ја избришаа, односно ја заменија спорната фотографија во објавата.
Препорачано
На сликата, со која од МВР сакале подобро да ја илустрираат објавата, немаше никаква назнака дека е генерирана на вештачки начин, а таа, и покрај тоа што беше релативно реалистична, имаше крупна слабост — раката на едниот од полицајците беше неприродно растегната, што често се случува во ВИ-фотографиите.

МВР на социјалните мрежи извесно време наназад објавува слики генерирани со вештачка интелигенција, но досега не ги означуваше за да ги информира корисниците дека фотографијата не е вистинска.
Уште една слична фотографија, која е без чудни детали, но сепак е очигледно направена со ВИ, МВР на „Фејсбук“ објави претпладнево, на друга информација за спасени планинари на Шар Планина. Таа слика, исто така необележана како генерирана од ВИ, вечерва и натаму стои на конкретната објава.



