Фото: Принтскрин / Икс/@InfosFrancaises

ВИДЕО | Огромен пожар беснее во близина на Париз

Француските власти синоќа испратија два противпожарни авиони во регионот на Париз, откако во пространата шума Фонтенбло избувна пожар од „исклучителни размери“, објави „Гардијан“.

Пожарот избувнал доцна попладнето во некогашното кралско ловиште, кое денес е опкружено со мирни села.

Властите утринава сооопштија дека огнот зафатил околу 800 хектари и сè уште се ширел, предизвикувајќи делумно затворање на автопатот А6, главната сообраќајна врска север–југ во Франција, како и нарушување на сообраќајот за време на еден од најпрометните летни викенди, кога земјата е погодена од топлотен бран.

Прекин бил предизвикан и во железничкиот сообраќај со брзи возови. Француската железничка компанија СНЦФ соопшти дека возовите што вчера пристигнувале или поаѓале од железничката станица „Гар де Лион“ во Париз доцнеле и до шест часа.

До вечерта, противпожарните авиони морале да ги прекинат летовите.

Околу 15 куќи биле евакуирани во селото Воду, а пожарникарите се обидувале да заштитат уште неколку населени места во областа, соопшти локалната противпожарна служба на департманот Сен-е-Марн.

Оливие Компта, кој раководел со операцијата за гаснење, изјави дека без помошта на противпожарните авиони веќе ќе морале да бидат евакуирани и други села.

Околу 400 пожарникари учествувале во гаснењето на пожарот.

Ерик Брокарди од Националната федерација на француски пожарникари изјави дека ова е првпат противпожарни авиони да бидат испратени од вообичаено потоплиот и посув југ на земјата за гаснење пожари во регионот на Париз.

Тој додаде дека во операцијата учествувале и два противпожарни хеликоптери, како и авион за набљудување.

„Целта е да се спасат човечки животи и имот“, изјави Брокарди додека пожарот продолжувал да се шири.

Претходно, пожарникарите интервенирале и на друг пожар кој го блокирал автопатот што води источно од Париз и предизвикал прекин на брзата железничка линија кон југот на Франција.

Регионот на Париз, како и голем дел од остатокот од Франција, од мај наваму е погоден од низа топлотни бранови, при што се соборени температурни рекорди во неколку европски земји, а според проценките во Белгија, Велика Британија, Франција и во Шпанија тие предизвикале илјадници дополнителни смртни случаи.

Неколку други европски држави исто така забележале рекордно високи просечни температури.

Групата научници „Ворлд ведер атрибјушн“ соопшти дека топлотните бранови во јуни би биле „практично невозможни“ без климатските промени.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нунез, чиј кабинет најави дека денес ќе ја посети шумата Фонтенбло, изјави дека шумските пожари годинава веќе уништиле 17.000 хектари.

Сончаница или топлотен удар — еве како да ги препознаете опасните состојби

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот